10842014_1528781927396886_2349034889717548838_o

Живееме во време кога апликациите на нашите мобилни телефони стануваат замена за одредени активности. На пример, наместо барање на луѓето преку стариот и обичен телефонски повик, повеќето корисници денес, а посебно помладите, комуницираат преку Viber, Facebook Messenger, WhatsApp и слични.

Ова е нешто на кое што се темели новата апликација Claxi чија што намена е да го олесни, но од друга страна и унапреди повикувањето на такси во Македонија. Апликацијата е замислена да биде достапна во Македонија, како и на Балканот, каде што моментално е достапна во Скопје, Куманово и Битола. Проширувањето во останатите поголеми градови е планирано со развојот на сервисот во блиска иднина.

Начинот на работа на Claxi е навистина едноставен и корисен, а посебно во споредба со повикувањето на контакт центрите од такси компаниите. Корисниците се што треба е да ја изберат локацијата од каде што би сакале да ги земе возилото, по што веднаш се започнува со барање на слободни такси возила во близината. Апликацијата нуди и можност за внесување на точната дестинација до која што ќе се возите, што овозможува понуда на попусти и фиксни цени за возење.

10750260_1533290283612717_3105476024626802945_o

По внесувањето на потребните локациски информации и известување на возачите, на вашата апликација ќе добиете понуди за возење од сите достапни возила кои што решиле да одговорат на вашето барање. Тука предноста на апликацијата доаѓа до израз. Добиените понуди можете да ги подредите по време на пристигнување, цена и слични параметри како би го избрале она возило кое што најдобро ги задоволува вашите потреби.

Кога ќе го изберете возилото, односно ќе го прифатите превозот, такси возачот трга накај вашата локација, а неговата моментална локација можете да ја следите на мапата преку апликацијата. Сепак, и да не го правите тоа, по пристигањето на возилото, добивате нотификација, па можете да излезете надвор.

По завршување на возењето, имате можност да оставите оценка за возачот, што после поголем број на возења и зголемување на популарноста на апликацијата, ќе претставува и доста важен дел од нејзината работа. Патниците ќе имаат одредена дополнителна информација при изборот на возачите, а тие ќе бидат мотивирани да обезбедат што подобра услуга.

Што се однесува до другата страна, односно такси возачите, тие можат да се пријават да добиваат повици преку Claxi, што во овој промотивен период нема ништо да ги чини. По станувањето на Claxi возач, тие добиваат посебен таблет компјутер преку кој што ќе ги добиваат барањата за превоз. Преку посебната апликација тие ќе можат да го внесуваат времето на пристигнување, попустот и слични информации.

1495363_1549530775322001_6645619029530349261_o

Исто така интересно, патниците и возачите можат и да комуницираат преку пораки директно од апликацијата, па доколку дојде до одредена промена или дополнително барање, истото многу лесно може да биде договорено. Доколку некогаш и тоа не е доволно или поради некоја причина немате пристап до интернет во моментот, можете да се јавите до возачот преку достапниот телефонски број.

Апликацијата треба и дополнително да се развива со тек на време. Патниците можат да очекуваат попусти кои што ќе ги добиваат врз основа на различни предуслови.

Апликацијата стана официјално достапна изминатата недела за Android, а во блиска иднина може да очекувате и претставување на iOS верзија од истата.

Пробајте ја Claxi и кажете го вашето мислење, како и искуството за целиот процес.

google-play-badge