На настан во Шенџен кој се одржа денес, познатиот и еден од најголемите светски производители на смартфони од Кина, Xiaomi, го претстави нивниот јубилеен паметен телефон од највисоката класа, Mi 8. Јубилеен е поради тоа што компанијата е присутна на пазарот на паметни телефони веќе 8 години, па поради тоа и новиот уред ја носи бројката 8, наместо 7 која беше на ред.

Како и секогаш, иако некои ги обвинуваат за повторно копирање на iPhone, Xiaomi претстави одлични уреди кои се разликуваат по нешто од конкуренцијата и со тоа се уникатни на пазарот.

Најинтересен можеби од сите претставени производите е Xiaomi Mi 8 Explorer Edition. Задната страна од овој уред, која е направена од стакло, е целосно проѕирна, па се гледаат внатрешните компоненти. Навистина интересен пристап кон дизајнот на телефонот каков што јас барем досега немам видено кај мобилен телефон.

Оваа верзија од Mi 8 исто така е најавена како првиот Android телефон којшто доаѓа со 3D сензор за препознавање на лицето на корисникот, а исто така вклучува и сензор за отпечатоци под екранот којшто работи на притисок.

„Обичниот“ Mi 8 за првпат го воведува познатиот исечок на горниот дел од екранот кај некој Xiaomi производ, па со тоа оваа компанија се приклучува на очигледно незапирливиот тренд.

Екранот кај овие две варијанти од Mi 8 е со големина од 6,21 инч, изработен е во AMOLED технологијата од Samsung и има FHD+ резолуција со 2.248 на 1.080 пиксели. Иако на горната страна има исечок на екранот, сепак на долната страна има не толку голема рамка, па овој телефон сепак не е еден од уредите со најголем сооднос на екранот во однос на телото.

Форматот е како што би се очекувало и стандардно изминатиот период, издолжен со сооднос од 18,7:9.

Mi 8 работи на Snapdragon 845 чипсетот, има 6 GB RAM меморија. Обичната верзија има капацитет од 256 GB за податоци, додека Explorer верзијата 128. Чипсетот е со поддршка за вештачка интелиганција, па и овој уред како и доста други нови уреди, ќе овозможи помош на корисниците за повеќе работи, меѓу кои и најважна е камерата.

Инаку, Mi 8 доаѓа со двојна камера на задната страна со по 12 мегапиксели секоја, а Xiaomi веќе ја претставува како една од најдобрите камери во светот според тестирањата на познатите DxOMark. На предната страна е поставена камера со 20 мегапиксели и технологија на „пакување“ на пикселите.

За Mi 8, Xiaomi истакнува дека е првиот смартфон кој подржува повеќе стандарди на GPS со што го прави еден од најпрецизните уреди на пазарот.

Xiaomi го претстави и помалиот Mi 8 SE кој доаѓа со големина на екранот од 5,88 инчи, исто така изработен од Samsung во AMOLED технологијата. Овој уред е и првиот којшто работи на новиот Snapdragon 710 чипсет за кој се најавува дека има значителни подобрувања од неговиот претходник од оваа класа, додека троши до 30% помалку енергија.

ИЗВОР 2Xiaomi
Претходна статија“Погледнете ја поголемата слика“ – Samsung и RedBull ги предизвикуваат потрошувачите со ново видео со екстремни спортови
Следна статијаМакедонија го доби најдобриот Microsoft Office Specialist
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.