Google оваа недела ја пушти првата бета верзија, достапна за сите корисници, односно не само за програмерите, од наредната верзија од Android оперативниот систем, Android 11. Со пуштањето на бета верзија, веќе добиваме и поголема слика за што ново носи наредната генерација од Android.

Новините во Android 11 се доволно големи, да направат разлика во очекувањето на финалната верзија, која потоа производителите на мобилните ќе почнат постепено да ја пуштаат на своите корисници.

Една од поголемите новини во Android 11 се поврзани со апликациите за разговори. Тие добиваат свое посебно место во центарот за известувања, истакнати пред останатите известувања. Со тоа корисниците секогаш во прв план ќе ги гледаат известувањата од апликациите за разговори, а имаат можност и да изберат приоритет на тие известувања, за да бидат ставени на прво место.

Разговорите кои ќе бидат означени како приоритетни, покрај тоа што ќе бидат ставени на врвот од листата, над другите разговори, ќе може да се гледаат на заклучениот екран, а и ќе може да пуштаат известувања и кога е вклучен режимот „do not disturb“.

Втора новина која е исто така поврзана со апликациите за разговори е Bubbles“. Во основа ова е функција иста како Chat Heads кај Facebook Messenger. Тоа значи дека корисниците ќе можат да ги вклучат пораките добиени од апликациите за разговори во посебно „меурче“, со што ќе нема потреба да ја вклучуваат целата апликација и да прекинат со тоа што во моментот го работат на мобилниот.

Android 11 донесува подобрувања и кај контролите за музика кои се прикажуваат во центарот за известувања. Контролите ќе бидат подобро издвоени и истакнати, а исто така ќе овозможат брз пристап до уредите на кои може да се слуша музиката, за брза промена од звучникот на телефонот, на пример, на слушалките или безжичниот звучник.

Прилагодувањата за приватност со Android 11 продолжуваат да нудат поголема контрола од страна на корисникот. Android 10 овозможи да на одреден апликација и се даде пристап до локацијата на уредот само кога таа е вклучена, односно да не може цело време да ја следи локацијата.

Во Android 11 Google воведува можност за давање пристап до локацијата, микрофонот и камерата, само еднаш, по што апликацијата веќе нема да има пристап. Исто така, доколку некоја апликација не се користи подолго време, прилагодувањата за приватност ќе и бидат ресетирани, односно ќе го изгуби пристапот до одредени информации кои ги имала.

Android 11 исто така донесува и едно централно место за контрола на уреди во паметниот дом. Со подолго притискање на копчето за заклучување на уредот, се отвора овој нов дел кој ќе функционира со повеќе апликации, односно не само Google Home.

Бета верзијата како и секогаш прво ќе им стане достапна на корисниците на Google Pixel уредите, по што ќе им биде овозможена и на неколку други уреди од други производители, најчесто тие кои ја користат скоро истата Android верзија од Google, без додатни промени.

Останатите, добиваат бета пристап до новата верзија од производителот, но обично кај многу помал број на понови уреди и најчесто месеци по оваа бета.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2TNW
Претходна статијаНеофицијална најава за претставување на Galaxy Note20 на 5-ти август заедно со Galaxy Fold 2 и Galaxy Z Flip 5G
Следна статијаКако другите земји го промовираат автогасот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.