LG вчера, како што беше најавено, го претстави својот најнов смартфон кој дефинитивно ќе се истакне на пазарот, LG WING. Овој телефон може слободно да се каже дека е досега најинтересниот телефон претставен со повеќе од еден екран и до неговото официјално претставување, не бевме сигурни дали ќе го сметаме за нешто посебно добар.

Од презентацијата на телефонот, која можете да ја погледнете на крајот од статијата, можеме со сигурност да кажеме дека LG конечно има смартфон кој навистина вреди да се купи, се истакнува од конкуренцијата и се надеваме дека ќе го врати овој бренд на повисокото место на пазарот.

Главната карактеристика на LG WING е неговиот главен екран. Тој се врти за 90 степени во правец на стрелките од часовник, по што се добива изглед на телефонот како буквата „Т“. Под свртениот екран достапен е уште еден, помал, екран, а тука почнуваат и комбинациите.

Корисниците имаат можност да вклучуваат две апликации во исто време, но тоа секако не е интересната можност на LG WING. Тоа што се овозможува со овој формат е пуштање на една содржина на горната страна, односно на свртениот главен екран, додека на помалиот се прикажуваат контролите, кога се користи навигација, телефонските повици и слично.

Ова дефинитивно е можеби досега најдобриот телефон за гледање на видео содржина која секогаш е подобро да се гледа во „легната“ позиција на екранот, а со LG WING држењето на уредот е многу поудобно. Исто така, ризикот од криење на сликата, како и случајни допири на екранот, ги нема, а поради тоа што нема ни исечок или дупка за камера, целиот екран е тука само за видеото.

Поради форматот за држење, LG во WING интегрира стабилизатор на сликата при снимање исто како кај посебните уреди наменети за таа намена, заедно со софтверски „џојстик“ кој овозможува движење на погледот.

Инаку, LG WING доаѓа со 6,8 инчен P-OLED главен екран со резолуција од 2.460 на 1.080 пиксели и втор екран со големина од 3,9 инчи и резолуција од 1.240 на 1.080 пиксели. Работи на Snapdragon 765G чипсетот, а доаѓа со 8GB RAM, како и избор помеѓу 128 и 256GB простор за податоци.

На задната страна има три камери со по 64, 13 и 12 мегапиксели, додека предната, селфи камера се извлекува автоматски од самиот уред и има сензор со 32 мегапиксели.

Батеријата на LG WING е со капацитет од 4.000 mAh, а исто така достапен е и сензор за отпечатоци под главниот екран.

Претставувањето на LG WING можете да го погледнете во продолжение.

ИЗВОРLG
ИЗВОР 2PhoneDog
Претходна статијаTaxi – Такси е нова апликација преку која може да се повикаат сите такси компании во Македонија
Следна статијаMicrosoft го извади подводниот дата центар и заклучи дека овој концепт е исплатлив и практичен
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.