Huawei вчера го одржа својот настан во Минхен на кој ги претстави двата нови телефони од Mate серијата. Mate 30 и Mate 30 Pro, заедно со нивните 5G варијанти, како и Porsche Design верзија, се новите уреди од највисоката класа на Huawei.

Телефоните како и обично доаѓаат со одличен дизајн, доволно освежен и променет за да може слободно да се каже дека надградбата од ланските модели е доволно голема.

Она што веднаш се забележува е дизајнот на задната страна, поточно модулот за камерите. Тој е направен во кружна форма и според мене изгледа многу подобро од сите други решенија. Телефоните изгледаат одлично, а кога на тоа ќе се додадат и перформансите на секогаш познатите камери од Huawei, Mate 30 ќе бидат телефони кои секој ќе сака да ги купи.

Mate 30 доаѓа со три камери на задната страна, додека Pro моделот има уште една додатна, односно четири камери. Кај Mate 30 камерите вклучуваат сензор со 40 мегапиксели, а овој сензор е наречен SuperSensing Camera, потоа 16 мегапикселна камера со ултра широк агол, како и 8 мегапикселна камера за зумирање.

Mate 30 Pro има уште една камера, односно уште една 40 мегапикселна Cine Camera.

Двата модели се разликуваат и по нивните екрани, каде Mate 30 Pro доаѓа со 6,53 инчен екран со резолуција од 2.400 на 1.176 пиксели со сега веќе познатото заоблување на екранот од страните.

Кај Mate 30 Pro Huawei се реши да ги тргне физичките копчиња, па тие сега се виртуелни од страните, на заоблениот екран. Корисниците ќе можат да ја бираат позицијата на копчињата, што за вака големи уреди, ова е една од најпогодените функции кои може да се вградат во еден телефон.

Mate 30 доаѓа со 6,62 инчен екран, со нешто помала резолуција, но и за жал без заоблувањето од страните. Тоа значи и дека овој модел нема да ги има прилагодливите софтверски копчиња.

Сепак, како што се најавуваше, уште една работа го привлекува вниманието кај овие уреди, а тоа е што тие нема да ги имаат сервисите и апликациите од Google. Тоа значи дека корисниците нема да можат да ги инсталираат апликациите како Google Chrome, Google Maps и слични, а исто така нема да ја има ни Play Store продавницата.

Huawei секако има свои апликации кои треба да ги заменат тие од Google или други соодветни алтернативи преку нивната продавницата за апликации, но останува да видиме како ова ќе се одрази на продажбите.

Инаку, Huawei не се одлучи да го користи својот неодамна претстава Harmony OS, па Mate 30 телефоните повторно работат на Android, поради тоа што оперативниот систем е со отворен код, па секој може да го користи.

Покрај апликациите од Google, Huawei нема да има пристап ни до безбедносните надградби кои ги пушта Google секој месец, односно ќе мора да чекаат додека биде надградена Android верзијата преку проектот за отворен код.

ИЗВОРHuawei
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаПрепорака за стенд-ап: Sticks & Stones од Дејв Шапел
Следна статијаУчество во сообраќајот со електричен тротинет – кој, како, кога, дали….?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.