Дејв Шапел е еден од најдобрите стенд-ап комичари на нашето време. Не само што е смешен, туку неверојатно ја владее вештината на раскажување на приказни. Со леснотија те вози низ наративот и шегите се до самиот финиш кога најчесто маестрално поентира и го „врзува“ целиот стенд-ап во една единствена приказна. Не е случајно што Нетфликс му искешира 100 милиони долари за само четири настапи!

Пред некоја недела на Нетфликс беше објавен и последниот стенд-ап, Sticks and Stones. Од самиот старт, уште од првата шега настапот е крвав – никој не е поштеден, ниту починати популарни ликови, ниту деца, ниту инвалиди, ниту ЛГБТ заедницата. Никој.

Патем, Шапел најверојатно има една цел со последниот настап – да изврши контранапад на сета политичка коректност која ја гуши слободата на изразување, што навлезе дури и во комедијата. Контранапад со сиот арсенал на шеги кои се дефинитивно на тенката граница на пристојноста и кои со сигурност Шапел знае дека ќе предизвикаат лавина реакции кај Ctrl-левицата. 

Се осеќа кај повеќето комичари загриженост за овој тренд (Бил Бур често на настапи почна да и објаснува на публиката зошто не е шегата навредлива?!). Нема ништо смешно или невино во цензура, особено кога ќе навлезе и во комедијата. Токму комичарите се оние преку кои се отвораат „табу теми“ и често се последното прибежиште на слободен говор. Стиснувањето на кругот до ова ниво е загрижувачки!

Сепак, Џорџ Карлин велеше дека должноста на комичарот е да ја најде тенката линија и намерно да ја премине. Да отвори „забранети“ теми, да ги изложи на отворено, во корист на сите – особено на оние кои се дел од шегата. Преку смеа до дискусија.

Дејв Шапел во Sticks & Stones умешно го прави токму ова.

Дел од критичарите велат дека не е неопходно да се оди во екстрем за да се биде смешен и бара „интелегентни шеги“, но мислам дека Шапел успева да ги постигне и двете. Уживајте, веќе сегментите се објавени и на YouTube.

*8/10, не е 9ка (а 10ка ретко се даваат) чисто бидејќи како либерал веќе долго време слушам и читам против политичката коректност, па малку ми е апсолвирана темата. Сепак, Шапел е одличен.

Претходна статијаСАД никогаш нема да го заборават Сноуден
Следна статијаHuawei ги претстави Mate 30 и Mate 30 Pro без пристап до апликациите од Google
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.