Ова е новиот “Project Neon” дизајн на Windows 10

Напишано на 10.01.2017 - 12:27 од Иво Гиевски

Windows 10 е еден од најминималистички и најмодерно дизајнираните оперативни системи, за што доказ е тоа што и конкурентите почнаа да употребуваат многу слични техники во своите продукти. Сепак, за некои корисници 10-ката има премалку бои и е преминималистичка, па затоа Microsoft воведува промени.

Project Neon ќе се обиде да го направи Windows 10 помодерен и поубав оперативен систем. Како што може да се види на протечените фотографии, Microsoft спрема повеќе градиенти меѓу боите, како и замаглување слично на Aero Glass дизајнот во Windows 7, кое своевремено не беше омилено кај многу од корисниците поради тоа што го забавуваше компјутерот.

Дивелоперите ќе можат да ги вградат овие можности во своите апликации, а водич за тоа ќе биде “Acrylic” компонентата. Новиот дизајн ќе овозможи и подобра интеракција со елементите во HoloLens холограмските очила, преку промени во начинот на кој реагираат елементите кои можат да се кликнат со маус.

Од Project Neon сепак не очекувајте преголеми промени, односно промени во начинот на кој функционира Windows 10 или се поставени елементите на него. Ова ќе бидат само благи козметички промени, кои ќе треба да го направат оперативниот систем и апликациите во него помодерни, но само во тоа како изгледаат.

Според мене, ова е добредојдена промена – Windows 10 можеби изгледа минималистички, но Microsoft стана малку „досаден“ со претераниот минимализам. Со мали затегнувања, Project Neon може драматично да ги подобри работите – ова што го гледам на фотографиите исклучително многу ми се допаѓа и многу поважно, не е копија на дизајнот на оперативните системи на конкурентите.

Извор: Forbes, The Verge, Windows Report

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети. Контакт: [email protected]