Контролата на некој уред со помош на очите не е нова работа – многу производители пробаа да вградат таква можност во некој од своите уреди. Сепак, таа не беше доволно усовршена и затоа се уште не е широко распространета, нешто што би можело да се промени многу наскоро.

Имено, Microsoft почна да ја вградува оваа можност во Windows 10 за Insider корисниците, но за тоа ќе мора да имате Tobii уред кој е специјално наменет за следење на очите.

Покрај тоа што ја лансира оваа функција, Microsoft на својот блог има и детално објаснување за тоа како таа работи – на кратко, со движењето на очите движите своевиден курсор на дисплејот, а со трепкање правите клик или пак отворате повеќе можности, зависно од тоа каде кликате.

Исто така, само со гледање по тастатурата може многу брзо да пишувате – треба да ја видите почетната буква, па брзо да поминете по останатите букви, се до крајната буква и зборот ќе се појави, заедно со неколку други предлози. Ова звучи прилично интересно вака „на хартија“, но дефинитивно треба да се види како ќе функционира во пракса.

Оваа функционалност на Windows 10 засега ќе функционира само со уредите на Tobii и тоа Dynavox PCEye Mini, PCEyePlus и EyeMobile Plus, но од Microsoft велат дека планираат да ја прошират поддршката на други уреди за следење на очите, односно да соработуваат со повеќе партнери – исто како и скоро сите функционалности кај Windows 10.

Извор: The Verge, Engadget, Windows Blog

Претходна статијаGalaxy Note 8 ќе почне да се продава на 15 септември?
Следна статијаПрви фотографии од Google Pixel 2 – разочарување со голема рамка околу дисплејот?