Да бидеме реални, ретко кој или подобро кажано никој, не обрнува внимание на лиценцата за приватност при купувањето на паметен уред или инсталирање на софтвер. Сето тоа се сведува на механичко прелистување и прифаќање на понудените услови без преголема концентрација. Па дури и во случај некој да е крајно заинтересиран, читањето на таквите текстови знае да биде комплицирано и збунувачки. Додека за компјутерите и мобилните телефони е веќе општо познато дека компаниите имаат буквално 100 процентен пристап до сите можни информации, во било кое време, за паметните телевизори мразот се топи токму сега.

Повеќето луѓе кои купиле паметен телевизор, веројатно не се ни свесни дека истиот поседува камера, микрофон, уред за гео-локација и еден куп други технологии кои на извесен начин можат да бидат злоупотребени, а со прифаќањето на условите доброволно се согласуваме на споделување на енормно количество информации, првично со компаниите, а потоа со кој знае кого друг.

Доказ за ова постои во самиот текст кој компаниите го нудат како објаснување зошто конкретно би прибирале информации поврзани со вас и како истите би ги користеле. Јазикот на кој дејствијата се опишани не се разликува претерано од компанија до компанија, што значи дека процесот е генерално ист, независно кој паметен-телевизор ќе го купите. Прибирањето на инфромации доаѓа всушност, на ваша асистенција и тоа со ваша директна согласност со цел да можете да ги користите благодетите на паметниот аспект на телевизијата.

Примарно тука може да се наведат гласовните команди и софтверот за препознавање на гласови. Тука е изрично наведено дека компанијата ќе зачува гласовните команди кои вие ги издавате, а тоа се најчесто клучни зборови од пребарувања, со цел да го развие и унапреди сопствениот софтвер за гласовни наредби. Меѓутоа, сочуваните информации и податоци ги делегира на трета компанија која се занимава со развивање на софтверот, па така резултатите од вашите пребарувања всушност завршуваат на сосема трето место.

Понатаму, слично на функционирањето на алгоритмите според кои работат социјалните мрежи, телевизорите можат да ги следат вашите интересирања и навики со што по извесно време можат да формираат ваш профил на интересирање. Тоа и не би било така лошо доколку не се знае дека компаниите споделуваат добар дел од информациите со своите технички партнери, но и маркетинг компании. Хипотетички, вашиот профил на интересирања, навики и сл. би можел да биде препродаден на компании за осигурување, кредит бироа и тн.

Како да се заштитите?

Реално не постои начин да се заштитите комплетно од оваа аномалија на модерното време бидејќи принципот на кој е базирана технологијата функционира така и никако поинаку. Меѓутоа, дефинитивно постои начин да ги ограничите личните информации кои ги испраќате, а тоа може да го направите доколку едноставно давате информации само онаму каде навистина ќе ви бидат од лична корист.

Извор: WashingtonPost

Претходна статијаHTC „стисливиот“ телефон пристигнува наредниот месец
Следна статијаПаметни патики за побезбедно трчање