Уште од кога беше лансиран Windows 10, главната забелешка на корисниците беше што новиот оперативен систем собира приватни податоци од нив. Во меѓувреме имаше многу натегања кои се обидуваа да објаснат кои податоци се собираат – едни влечеа на страна на корисниците, други на страна на Microsoft, но консензус не беше постигнат. Сега, година и пол по претставувањето на Windows 10, Microsoft конечно објави што точно се собира од корисниците.

Бидејќи ова е објаснување од Microsoft, не очекувајте дека тие собираат којзнае колку важни лични податоци. Всушност, податоците главно се користат за полесно рекламирање, нешто слично на “cookies” на веб страните. Microsoft ги објави базичните побарувања за собирање на податоци од корисниците во Creators Update, кои вклучуваат локација, препознавање на глас, дијагностика од програмите и апликациите кои ги користите, корисничко искуство кое е насочено кон вас од собраната дијагностика и релевантни реклами.

Според тоа, корисниците не треба да бидат загрижени дека нивните податоци ќе се искористат во некои други цели, како на пример за давање на властите кои потоа би можеле да ги злоупотребат итн. Од Microsoft ветија дека во иднина ќе бидат уште потранспарентни со тоа кои податоци од корисникот ги земаат, што е веројатно одговор на забраната за собирање податоци од корисниците во Франција или пак предупредувањето на Европската Унија дека може да настапи забрана доколку Microsoft отиде предалеку со Creators Update.

Секако, корисниците кои не сакаат нивните податоци воопшто да стигнуваат до Microsoft, односно што прават на своите компјутери или таблети, можат да ги исклучат сите во Privacy Settings (за да стигнете дотаму, само напишете го текстот во полето за пребарување и стиснете Enter).

Извор: The Verge, TechCrunch, CNET

Претходна статијаSpaceX го објави видеото од слетувањето на „рециклираната“ ракета
Следна статијаWindows 10 Creators Update достапен преку Media Creation Tool