Производителот на електрични автомобили Tesla, за првиот квартал од годината успеа да испорача дури 25 000 автомобили. Компанијата стара само 14 години се „заканува“ да стане вистински автомобилски гигант. За тоа сведочи и компарацијата со една од најстарите и најпознати автомобилски компании во светот, Ford.

Доколку се споредат актуелните рејтинзи на овие две компании, односно нивната вредност на берзите, може да се забележи предност за Tesla од цели 2 милијарди. Покрај тоа, Tesla ги надмина очекувањата на аналитичарите, додека Ford се справува со пад на продажбата од 7,2% споредено со истиот период лани.

Сепак, ваквата споредба е повеќе одраз на моменталната „форма“ во која се наоѓаат брендовите, отколку реалната слика за големината на компаниите. Доколку се земат годишните обрти на двете фирми, се доаѓа до неспоредливи бројки односно, минатата година Tesla имала 7 милијарди годишен обрт, додека за споредба, Ford се движи околу 150 милијарди.

Секако, ваквиот начин на споредување доведува до две дијаметрално различни позиции, но заклучокот би бил дека Tesla настојува да се устоличи на светскиот пазар за автомобили, ланисрајќи го својот прв сериски модел наменет за големите пазари, Model 3.

Освен тоа што планираат да бидат застапени на пазарот преку своите производи, секако, нужно е да ги зголемат своите производни капацитети. Па така, иако во загуба, очигледно Елон Маск гледа голем потенцијал во овој проект, па се очекува изградба на уште најмалку 3 гигафабрики кои ќе произведат половина милион возила до крајот на 2018.

Она што го прави Tesla толу популарен е релативно пристапната цена за последните технолошки иновации од сферата на автомобилската индустрија. Тука особено се мисли на полу-автономните сегменти кои ги поседуваат овие возила.  Токму автоматизираниот начин на управување со автомобилите е всушност темата на долги и неисцрпни дебати и она што ја одредува иднината на автомобилската индустрија. Очигледно дека Tesla прави храбар чекор со воведувањето на оваа технологија која сепак се смета за безбедносно непроверена, но која со сигурност ќе го привлече вниманието кај купувачите.

Претходна статијаИднината на технолошкиот напредок со Неотел
Следна статијаНајдобрите македонски програмери на едно место – Што ќе се случува на 22-23 април?