Samsung Gear S серијата се веројатно најдобрите паметни часовници на пазарот, пред се поради нивниот флуиден интерфејс и одлична изработка. Сепак, полнењето на еден таков часовник може да претставува проблем, бидејќи мора да го ставите во посебна лулка која го прави тоа.

Од наредната генерација на паметниот часовник на Samsung, полнењето најверојатно ќе биде многу полесно. Имено, тие имаат поднесено патент за полнење на часовникот преку батеријата на паметниот телефон, односно преку посебна футрола која ќе се стави на телефонот и која безжично ќе го полни часовникот. Оваа футрола инаку ќе се поврзе преку USB Type-C приклучокот и ќе ја користи батеријата на самиот паметен телефон, кој скоро сигурно ќе мора да биде од Galaxy серијата со специјална футрола од Samsung.

Ова значи дека часовникот ќе потроши од батеријата на телефонот, но не премногу бидејќи овие уреди имаат батерии со околу 10-15% од капацитетот на оние во паметните телефони. Во превод, треба да сте подготвени да одделите исто толку од процентите на наполнетост на батеријата на телефонот за да го наполните вашиот паметен часовник.

Поднесениот патент од Samsung сепак не мора да значи дека ваквиот начин на полнење на паметните часовници ќе го види светлото на денот. Многу често се случува компаниите да поднесуваат вакви патенти и на крај тие да се загубат само во папирологијата веројатно поради недоволно голем интерес на пазарот. Сепак, да се надеваме дека овој интересен концепт ќе го дочека светлото на денот и тоа уште во наредниот Gear S4 модел.

Извор: Forbes, Digital Trends, Christian Post

Претходна статијаXiaomi лансира ласерски проектор со висок квалитет на сликата и ниска цена
Следна статијаWindows 10 ќе има вградена заштита од ransomware преку Windows Defender