Многу упатени во паметните телефони ќе ви кажат дека за најмазно можно Android искуство, треба да одберете некој Nexus или Pixel смартфон од Google, бидејќи во тој случај верзијата на оперативниот систем е најчиста и нема дополнителни скинови. Сега на тие смартфони се придружува одличниот Xiaomi Mi A1 (истиот модел со MIUI Android софтвер се вика Xiaomi Mi 5X), кој не само што има чист Android каков што го замислил Google, туку има и солидни спецификации и многу ниска цена.

Mi A1 е дел од Android One иницијативата на Google, со која тие сакаат да го доближат чистиот Android до купувачите со поплиток џеб, бидејќи цената на Pixel телефоните денес е прилично висока. Новиот модел на Xiaomi ќе чини само 230 долари, што е вистинско освежување, особено за смартфон со толку добри спецификации. Имено, Xiaomi Mi A1 е опремен со 5,5 инчен Full HD дисплеј, Snapdragon 625 процесор, 4 GB рам меморија и дури 64 GB простор.

Но, тоа не е се што има да понуди овој смартфон. Назад има двојна камера, со една поширока леќа и една леќа со повеќе зум за портрети. Предната камера пак има солидни 5 мегапиксели, а во задниот дел има и читач за отпечатоци на прсти, што е секогаш добар бонус. Батеријата има капацитет од 3.080 mAh, што и не е премногу, но Snapdragon 625 важи за особено штедлив процесор, особено во комбинација со чист Android.

Тоа што телефонот е опремен со оригинален Android значи и дека во него нема да има непотребни апликации – ќе бидат вградени само оние на Google, а значи и дека Xiaomi Mi A1 ќе добива нови надградби меѓу првите телефони на пазарот – Android Oreo ќе пристигне сигурно до крајот на годината.

Извор: TechCrunch, The Verge, GSM Arena

Претходна статијаJaguar Sayer е концепт за волан за автомобил од 2040 година
Следна статијаGigabyte направи супер мала верзија на Nvidia GTX 1080 графичката картичка