Денешните најпопуларни VR очила се доволно добри за да ве внесат во виртуелната околина, но и покрај тоа, не можат да ве излажат дека се работи за реалност. Причината за ова е што дисплеите кои се вградуваат во нив немаат доволно висока резолуција и пикселите многу лесно се распознаваат еден од друг.

Varjo е фински стартап од поранешни вработени од Nokia и Microsoft, ветува дека има решение за овој проблем. Всушност, тие велат дека нивното решение ќе може да го излаже окото дека се работи за вистинска реалност, бидејќи е за фантастични 70 пати поостро од досегашните решенија. Идејата која ја имаат е многу едноставна, но во моментов сѐ уште скапа за имплементација.

Имено, тие планираат да вградат помал дисплеј во средината со многу повисока резолуција, во кој корисникот и најчесто ќе гледа. Всушност, така и функционира видот на човекот – ние секогаш можеме да забележиме максимум детали во средината од нашето видно поле, додека од страните се е заматено и иако можеме да забележиме какви предмети гледаме, не можеме да ги видиме деталите од нив.

На овој начин, очилата само ќе го следат начинот на кој работи видот на човекот и ќе испорачаат максимална резолуција онаму каде што треба – во средината на видното поле, додека од страните резолуцијата ќе биде како кај досегашните уреди, што нема да пречи, бидејќи корисникот и така нема да може да ги забележи фините детали од страните. Ваквото решение ја анулира потребата од целосен дисплеј со многу висока резолуција и ја спушта цената пониско.

Сепак, дури и во моментов цената на централниот дисплеј кој има многу висока резолуција изнесува 900 долари, што ако го додадете на цената на VR уредите (Varjo ја тестира нивната технологија на Oculus Rift), ја качува цената премногу високо. Исто така, концептот е и натаму во изработка и не е подготвен за производство.

Извор: Wired, The Verge, Variety

Претходна статијаДронови ќе носат дефибрилатори за итен случај на срцев удар, ќе бидат многу побрзи од амбулантно возило
Следна статијаПретставен OnePlus 5 – сега камерата е главен адут, а не цената