Денес веќе многу смартфони од високата класа поддржуваат безжично полнење, меѓу кои и новите iPhone 8, 8 Plus и iPhone X. Сепак, овој начин на полнење на вашиот смартфон е премногу ограничен, бидејќи нема да можете да го користите додека го полните, а реално еден кабел е секогаш приклучен во струја. Затоа, компаниите забрзано работат на нови начини на полнење на вашиот смартфон на поголема далечина, кои би можеле драматично да го сменат начинот на кој ги користиме нашите смартфони.

Pi е нов стартап кој ветува дека има полнач кој може да работи на поголема далечина во однос на Qi стандардот кој е популарен денес, односно на оддалеченост од максимум 30 сантиметри. Да, ова значи дека телефонот повторно ќе треба да биде близу до полначот, но сега барем него ќе можете да го користите додека се полни, за разлика од Qi полначите, каде смартфонот односно таблетот мора да се легнати на плочата.

Pi полначот работи на ист начин како Qi полначите, со таа разлика што може да го насочи магнетното полнење кон уредите во околината. Полначот може да полни повеќе уреди одеднаш, што е исто така одлична вест, но тој има моќност од 20 вати, што значи дека премногу уреди можат да ја намалат брзината на полнењето.

Сепак, за уред кој за прв пат носи ваква можност, не би требало да бараме премногу маани, а инженерите на Pi велат дека во иднина има можност за лансирање на помоќни полначи, кои можат да полнат повеќе уреди.

Најголемата предност на овој полнач е што ќе можете да ги користите вашите уреди додека се полнат, што не е возможно со Qi стандардот, како и тоа што овој полнач ќе работи со сите уреди кои поддржуваат Qi безжично полнење, вклучувајќи ги и новите iPhone-и.

Неговата цена ќе изнесува под 200 долари, што не е премногу за револуционерен продукт, но стартап компанијата се надева дека ќе може да ја продаде технологијата на поголемите играчи, кои потоа би ја вградиле во други уреди, како на пример безжичен звучник од типот на Amazon Echo.

Извор: Engadget, DigitalTrends, TechCrunch

Претходна статија„Check for updates“ копчето на Android веднаш ќе ја овозможи достапната надградба
Следна статијаДетективска серија со срце, душа… и Кијану Ривс