DJI е убедливо најголемиот производител на дронови во светот, од едноставна причина што е најиновативен. Доказ за ова се новите очила, кои наликуваат на уред за гледање на виртуелна реалност и кои можат да се користат за управување на дроновите на овој производител само со движење на главата.

Поточно, корисникот ќе гледа сѐ што гледа камерата на дронот и само со движењето на главата ќе може да ја врти. Ова може да биде вртоглаво искуство, кое не е целосно препорачливо за оние кои имаат страв од височина, но може да биде многу корисно за оние кои сакаат да направат што е можно поквалитетно летечко видео.

Имено, со вртење на главата, корисникот може да ја движи камерата на самиот дрон, што е многу полесно од користење на џојстик. Сепак, за летање на дронот, односно движење напред-назад и лево-десно и натаму ќе се користат командите од џојстикот.

DJI Goggles, како што е нивното име, имаат и многу други функции. На пример, на нив може да излезе целото мени од дронот (Mavic Pro или Phantom 4) и истото да се управува од тачпадот вграден на нив.

Овие очила ќе можат да прикажат 720p видео на своите два дисплеи со резолуција од 1280х1440 дисплеи доколку дронот е подалеку, но и одлично Full HD видео доколку дронот е поблизу. Нивната цена изнесува 449 долари, што не е многу ниско, но ова е сепак уред кој е насочен кон професионалците. DJI Goggles ќе бидат достапни после 20 мај.

Извор: TechCrunch, The Verge, Petapixel

Претходна статијаMercedes влегува во бизнисот со акумулација на електрична енергија наменета за домаќинствата
Следна статијаСо Google Maps никаде не сте странец