Оние кои се малку повеќе упатени во мобилната аудио опрема, знаат дека Beats слушалките се пред се дизајнирани да ги задоволат вкусовите на оние кои слушаат музика со многу бас, како хип-хоп, популарна или електронска музика. Затоа, големо изненадување е кога најевтините EP слушалки во портфолиото на најпопуларниот производител имаат избалансиран звук, кој ќе ги задоволи и вкусовите на оние кои слушаат класика.

Класика на Beats?
Иако се основен модел во понудата на Beats, EP нудат изненадувачки избалансиран звук, со доволно добра чистина. Слушалките добро се носат и кога ќе ја зголемите гласноста до крај, односно нема преголема дисторзија и дури и тогаш, останува добриот баланс меѓу басот, средните и високите тонови. Единствено фали малку повеќе диференцијација меѓу тоновите и подобра чистина на средните, нешто што го нудат некои други слушалки во оваа класа.

За љубителите на бас, EP имаат доволно, но не очекувајте премногу. Сепак, кога целосно ќе се земе се во предвид, Beats EP се солидни за слушање секаков тип на музика – класика, рок, хип-хоп, електроника, популарна и дури и џез.

Класичен Beats дизајн
Ако сакате да бидете препознаен како човек со вкус (иако аудиофилите нема воопшто да се сложат со тоа), воие слушалки целосно ќе завршат работа. Изгледаат модерно и препознатливо, а изработени се од прилично квалитетни материјали – дел од нив е од алуминиум. Исто така, тие доаѓаат во четири бои – црна, бела, црвена и сина, што значи дека секој ќе може да ја најде идеалната комбинација.

Сепак, квалитетната изработка и одличниот дизајн имаат и свои недостатоци – Beats EP не можат да се склопат за да ги собере во помала торбичка. Исто така, кабелот не може да се извади, односно е врзан за нив, што е прилично лошо за оние кои го носат смартфонот во десниот џеб, бидејќи кабелот е на левата слушалка. Во сето ова не помага и што е долг повеќе од потребното. Сепак, ова се само мали забелешки за инаку одличниот комфор при носење.


Одличен комфор и солидна изолација од надворешни звуци
Beats EP се слушалки кои стојат на увото, а не околу него. Често, ваквиот тип на слушалки не се наменети за подолго носење и се прилично неудобни, но тоа не е воопшто случај со Beats EP. Перничињата кои се наоѓаат на нив се исклучително меки и длабоки и овозможуваат комфорно носење многу подолго од вообичаеното, а истото важи и за делот кој стои на главата. Исто така, изолацијата од надворешни звуци е многу солидна како за слушалки кои стојат директно на увото, повторно, нешто што не може да се каже за конкуренцијата.


Влезот во Beats клубот чини само 4.690 денари
Цената на Beats EP кај нас изнесува 4.690 денари во iStyle, што е прилично достапно за премиум слушалки, особено такви кои ги носат и цела плејада на популарни личности.

Претходна статијаWindows 10 Creators Update достапен преку Media Creation Tool
Следна статијаXbox Project Scorpio ќе овозможи 4K гејминг при 60 fps