Microsoft-Logo

Microsoft денеска објави информација којашто слободно може да се земе како еден од последните чекори кои водат до крајот на бизнисот со паметни телефони во компанијата, барем тој којшто настана со купувањето на Nokia.

Тие објавија дека ќе отпуштат дополнителни 1.850 вработени, од кои 1.350 се од Microsoft Mobile Oy во Финска, а останатите 500 од другите места во светот.

Покрај отпуштањето на вработените, Microsoft ќе изврши и намалување на вредноста на средствата поврзани со купувањето на Nokia во вредност од 950 милиони долари. Во оваа вредност, 200 милиони ќе бидат наменети за отпремнини на вработените.

„Ние ги фокусираме нашите напори за телефони каде што имаме диференцијација – бизниси кои ја ценат безбедноста, управливоста и нашата Continuum можност, како и корисници кои го ценат истото“, изјави Сатја Надела директорот на Microsoft. „Ќе продолжиме да иновираме низ уредите и нашите сервиси во облакот низ сите мобилни платформи.“

Најновата одлука не значи целосен крај на мобилниот бизнис во Microsoft, а сигурно не значи крај на Windows 10 Mobile. Овој оперативен систем е заедно развиван со десктоп верзијата и се целосно поврзани, па неговиот развој ќе продолжи.

Она што е завршено е Lumia серијата за која се верува дека веќе нема да бидат претставени нови телефони под овој бренд. Скоро сигурно е претставување на нов телефон под брендот на успешната Surface линија на производи, но тоа се очекува да биде дури идната година.

Во меѓувреме од компанијата истакнуваат дека ќе продолжат да ги поддржуваат веќе претставените модели, како и моделите кои ги имаат претставено или ќе ги претстават другите производители.

Може да се каже дека до идната година, единствена надеж за Windows 10 Mobile се останатите производители кои доколку почнат да претставуваат модели со оваа платформа, можеби ќе ја одржат во живот.

Извор: Microsoft, The Verge, Engadget

Претходна статијаPyramid Flipper е „2 во 1“ Windows 10 уред кој е целосно дизајниран од заедницата
Следна статијаВидео од Samsung OLED дисплејот кој може да се свитка во ролна
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.