Том Круз е на сцената повеќе од 30 години, што значи дека некои од филмовите биле снимени кога сум бил дете. А како што поминуваат годините, различно ги доживуваме филмовите (и се останато во животот) што порано не сме ги сметале за „нешто посебно“.

Имајќи го тоа на ум, очекував Колатерал да ми остави подобар впечаток од претходниот пат кога го гледав. Очекувањата ми беа надминати. Колатерал е филмско ремек-дело. Просто не може да се очекува утка од човекот кој е заслужен за уште едно ремек дело од филм – Жега (Heat).

Во Колатерал, Том Круз глуми платен убиец (Винсент) кој има мисија да ликвидира пет луѓе во една вечер. Тој патува низ градот со такси возачот Макс (Џејми Фокс), кој ја има несреќата да се најде во погрешното место и во погрешното време. Тој треба да го вози Винсент низ градот гледајќи го како убива.

А Мајкл Ман од едноставна приказна создал возбудлив драма-трилер. Филмот изгледа спектакуларно, кинематографите завршиле беспрекорна работа. А што да се каже за глумата? Џејми Фокс беше номиниран за Оскар за најдобра споредна улога. Ман првично го посакувал Адам Сендлер во улогата која му донесе номинација на Фокс. Којзнае каков филм ќе беше тоа. Добро е што не му се исполнила желбата.

Том Круз, од друга страна, ја има една од најдобрите улоги во неговата богата и долга кариера. Човекот може да глуми што било: самурај, платен убиец, таен агент. Дефинитивно една од најголемите филмски легенди во историјата.

Колатерал е навидум еден „обичен“ трилер. Но филмот е многу повеќе од тоа. Режисерот не се фокусирал на Лос Анџелес залудно. Ман коментира за осаменоста на градот (можеби и на повеќето градови низ САД) и за неговата индиферентност кон луѓето кои живеат во него. Во изолираност, без вистинска меѓусебна конекција (во еден момент, Винсент коментира дека во Лос Анџелес, мртов човек може да сврти цел круг околу градот во воз без притоа некој да примети дека е мртов).

Начинот на кој што е снимен филмот не тера да ја почувствуваме таа изолираност. Ни продира во коски. Филмска класика.

Претходна статијаXiaomi го претстави POCO F1, првиот смартфон од нивниот нов под бренд
Следна статијаНајновиот, супер моќен член на Galaxy семејството – Galaxy Note9 претставен во Македонија