Samsung Galaxy Fold, уредот кој ја претставува иднината на преносните уреди и кој го чекавме неколку години, конечно беше претставен на крајот од февруари во Сан Франциско за време на претставувањето на Galaxy S10 телефоните.

Овој телефон се претвора во мал таблет компјутер поради неговиот еластичен екран, со што им овозможува на корисниците да имаат мал и лесно пренослив уред, кој потоа е одличен за гледање на содржина како филмови, слики и слично.

Сепак, тест уредите кои им беа дадени на ИТ порталите во САД, на неколку недели пред почетокот на продажбата, почнаа да покажуваат одредени проблеми со екранот. Проблемите во главно се имаа појавено поради тргање на заштитниот дел од екранот од страна на некои од тест корисниците, но и поради недоволно добро решение како да се заштити внатрешноста на екранот, а посебно во делот којшто се превиткува.

Поради ова, од Samsung го одложија почетокот на продажбата која требаше да почне од крајот на април во САД и почетокот на мај во Европа. Информации за тоа кога ќе продолжи продажбата не беа дадени, но некако се доби впечаток дека се работи само за неколку недели одложување.

Поминаа скоро два месеци, некои можеби и заборавија на овој уред и го отпишаа, барем за овој дел од годината.

За среќа, тоа нема да биде случајот, па телефонот повторно ќе биде вратен во продажба, а тоа го потврдуваат директно од Samsung како одговор на прашање од познатиот Cnet. Тие во одговорот истакнуваат дека „Ќе го објавиме тајмингот на Galaxy Fold во неделите што следат“.

Тоа значи дека може да се очекува продажбата на Galaxy Fold да продолжи, односно почне, до крајот на овој месец или почетокот на идниот. Претпоставуваме дека од Samsung ќе сакаат да почнат со продажба пред претставувањето на Note 10.