Samsung Galaxy Fold е уредот кој ја започнува наредната револуција кај мобилните уреди, меѓутоа за тоа изгледа ќе почекаме уште некоја година додека дојдат втората, третата и наредните генерации од технологијата.

Продажбата на овој уред требаше да почне на 26 овој месец во САД, по што ќе следеше во Европа недела дена подоцна. Сепак, од компанијата одлучија да го одложат почетокот на продажбата, а за ова се известени корисниците кои го имаат преднарачано уредот, како и преку официјално соопштение објавено во текот на денешниот ден.

Причината за одложувањето на продажбата е оштетувањето на екранот кај одреден број на тест уреди кои беа поделени на познатите портали и медиуми во САД. По очекувањата за одлични рецензии на уредот, почнаа да излегуваат видеа со скршен и оштетен екран.

Од Samsung истакнуваат дека ќе го одложат почетокот на продажбата и ќе работат на појачување на заштитата од екранот, а исто така подобро ќе го објаснат начинот на којшто треба да се работи со телефонот.

„Првичните наоди од проверката на пријавените проблеми на екранот покажаа дека тие можат да бидат поврзани со удар на горните и долните изложени области на шарката од новиот систем. Исто така имаше ситуации кога супстанци внатре во уредот имаат влијаено на перформансите на екранот.  

Ние ќе преземеме мерки за да ја засилиме заштитата на екранот. Ние исто така ќе ги подобриме упатствата за грижа и употреба на екранот вклучувајќи го и заштитниот слој со цел нашите корисници да го добијат најдоброто од нивниот Galaxy Fold.“

Од компанијата не закажаа нова дата кога продажбата би продолжила, па истакнуваат дека истото ќе биде објавено во наредните неколку недели.

„За целосно да ги процениме добиените информации и да извршиме дополнителни внатрешни тестови, решивме да ја одложиме продажбата на Galaxy Fold. Планираме да ја објавиме датата на продажба во неделите што следат.“

Можноста за појава на вакви проблеми со екранот беше нешто што се најавуваше во изминатите месеци по претставувањето на Galaxy Fold. Од Samsung излегоа со видео преку кое се прикажуваше процесот на тестирање на екранот и се тврдеше дека тој може да издржи повеќе од 200.000 превиткувања.

Сепак, тестирањата беа направени автоматски, односно со „роботи“, па изгледа тоа не може да го замени користењето од страна на корисниците и се што тие би можеле да „чепнат“ во тој процес.  

ИЗВОРSamsung
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаGoogle Digest календар сега достапен за македонската стартап заедница
Следна статијаИстражувавме – во што серијата S10 е прва, а во што е најдобра?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.