Дечкото што пред неколку години откри како НСА и повеќе влади низ светот ги шпионираат граѓаните, повторно е во јавноста. Едвард Сноуден, од своето прибежиште во Москва (каде што живее под азил) неодамна разви апликација која ни помага да ја зголемиме нашата безбедност.

Haven е апликација (достапна само за Андроид) која со помош на камерата, микрофонот и акцелерометарот на телефонот следи што се случува во просторот во кој се наоѓа уредот. Оттаму, апликацијата е замислена за користење на поевтини андроид уреди кои не ги користите секој ден или само за специфична цел (т.н. burners).

Всушност, Haven има цел да ја заштити нашата приватност со тоа што ќе ни испрати нотификација кога некој натрапник (крадец, таен агент, сопруг/а итн.) ќе влезе во нашата соба со цел да претура по нашите електронски уреди.

Иако главната мотивација на Сноуден извира од неговото искуство со НСА, апликацијата изгледа како прилично корисна за алармирање кај полицијата кога некој ќе провали во нашиот дом.

Haven практично ја превртува целата идеја за приватност на својата глава. Односно, ако досега технологијата беше целосно на страната на оние кои што имаат доволно ресурси да ја користат против нас, сега ситуацијата е обратна. Истите ќе треба да размислат два пати ако се решат физички да претураат во нашите домови, знаејќи дека секој телефон е „свесен“ за нивното присуство.

Но, како што Haven служи како алатка за зголемување на нашата приватност, истата покажува колку лесно нашиот телефон може да не шпионира и нас. Ако Сноуден (и фондацијата Freedom of the Press) можат толку лесно да „поиграат“ со мобилната технологија, тогаш што можат да сторат оние со неограничени ресурси.

Односно, апликацијата ќе донесе малку мир во главите на поголемиот дел од популацијата, знаејќи дека можат соодветно да реагираат кога ќе се случува натрапништвото. Или пак, барем полесно би можеле да го идентификуваат натрапникот.

За оние што се повеќе параноични, апликацијата само ќе го зголеми нивното чувство на параноја, свесни за леснотијата со која нивниот уред може да стане „оружје“ во туѓи раце.

Претходна статијаLG комплетно ќе ја ребрендира серијата G
Следна статијаZanco Tiny T1 е најмалиот мобилен телефон во светот