Со развојот на интернетот, технологиите и ИТ индустријата, денес не може да се замисли ниту една компанија, институција и воопшто било каков бренд кој се појавува во јавноста, без да поседува сопствена веб-страница. Повеќе не е доволно само да се направи веб-страница, туку потребно е да биде со добар дизајн, впечатлива, ефикасна, лесна за паметење, со главен акцент на корисничкото искуство – сѐ со цел не само да го задржи вниманието на корисникот, туку и да му помогне да го најде она што го бара. Така се јави потребата за одење чекор понапред во дизајнот на продуктите – и тука настапува UX дизајнот (User Experience Design).

UX дизајнот има задача да задоволи две страни – од една страна бизнис целите на компанијата која лансира некаков продукт или услуга, и од друга страна – корисничките цели на оние кои ќе ја користат веб-страницата или мобилната апликација. Во суштина, UX дизајнот треба да понуди искуство кое ќе ѝ овозможи на компанијата да профитира кога корисникот ќе ја оствари својата цел.

Типичен пример за ова е Youtube – еден од најголемите видео сервиси во светот. Бизнис моделот на Youtube е да „продава“ рекламен простор. Корисниците пак, сакаат да гледаат видео. UX во оваа приказна е во нудењето на слични видеа или пак Autoplay функцијата – корисниците гледаат повеќе видеа и ја остваруваат својата цел, а преку тоа гледаат повеќе реклами и ја остваруваат целта на Youtube.

UX професионалците со користење на UX принципите го анализираат и разбираат производот кој корисниците ќе го користат и се обидуваат да најдат решение кое ќе биде „вистинското“. Нивна одговорност е да го осмислат најдобриот и најлесниот можен начин на кој производот може да се користи во согласност со бизнис барањата, да го креираат изгледот и функционалностите, да креираат скици и интерактивни прототипови на кои ги тестираат сите предложени решенија и да ги прилагодат тие решенија за имплементација во финалниот производ.

Секако, се користат постоечките искуства и нивното значење е бесценето, но со вистинската анализа на навиките и потребите на корисниците, како и константна ревизија на чекорите, може да се направат навистина големи разлики. Голема улога тука играат и алатките кои се користат. Експертите го препорачуваат Adobe XD бидејќи ги нуди флексибилноста и функционалноста кои се потребни за рапидно прототипирање, анализирање и подобрување.

Во рамки на центарот за компјутерска обука Семос Едукација функционира Академијата за веб дизајн која со едногодишната стручна програма нуди теоретско и практично изучување на оваа област, со суштински предмети за целосно совладување на веб дизајнот, меѓу кои и UX/UI кориснички принципи. Еден од предавачите на Академијата, м-р Андреја Јарчевски, вели дека студентите на Академијата се особено заинтересирани за UX дизајнот, примамлив за сите веб дизајнери кои сакаат да креираат квалитетен производ кој истовремено ќе биде максимално функционален, прилагоден кон потребите на корисниците, разбирлив и едноставен.

На Академијата за Веб дизајн сите студенти имаат можност да го научат визуелниот дизајн и како истиот функционира, како да креираат веб содржини и дизајни кои се лесни за употреба, како да дизајнираат и развиваат интерактивни, функционални и висококвалитетни веб решенија.

„UX дизајнот е од исклучителна важност за веб дизајнирањето. Се креира во согласност со очекувањата на корисникот и неговата потреба за веб-страница, мобилна апликација или друг софтверски производ. Тајната за успешен веб-сајт се темели на основните принципи на дизајнот. Меѓутоа, добриот дизајн не почнува и не завршува со визуелните аспекти на производот. Да се добијат задоволни корисници, веб-сајтот мора да биде „user-friendly“ и пристапен, со главен акцент на корисничкото искуство. Во суштина, User Experience е искуството кое корисникот го има со секој аспект од нашите продукти и услуги, но во контекст на веб дизајнот и мобилните апликации, се однесува на искуството токму со нив – од првиот, па сè до последниот чекор. Со UX design, не се дизајнира само корисничкиот интерфејс, туку и корисничкото искуство.“ – изјави м-р Андреја Јарчевски, предавач на Академијата за веб дизајн.

Какви компании имаат потреба од ваков професионалец во својот тим? Одговорот е сите компании на кои корисникот им е во центарот на бизнисот, кои го разбираат значењето на корисничкото искуство и им е исклучително важно за успехот на бизнисот. А впрочем, нели е тоа целта на сите компании? Така веб дизајнерите кои имаат UX познавања се „добитна комбинација” потребна на секоја компанија.

UX Design е логичен чекор напред за секој веб дизајнер без разлика на искуството и техничките познавања, бидејќи повеќе не е доволно да размислуваме во насока на „како ова ќе изгледа“ туку и „како ова ќе функционира.“

Претходна статијаКласици и со „Оскар“ наградени филмови на Pickbox
Следна статијаПолицијата ја објави снимката од сообраќајката во која Uber возилото прегази пешак