Истрагата за двата нови и модерни авиони од Boegin кои паднаа изминатите 6 месеци е се’ уште во тек и нема скоро никакви официјални информации. Сепак, од тоа што по малку се „пушта“, а и од неофицијалните анализи од експертите, се верува дека една од главните причини за несреќите кај двата авиони е новиот систем за стабилизација на авионот вграден од страна на Boeing.

Системот е наречен MCAS, односно Maneuvering Characteristics Augmentation System. Се работи за софтверско решение кое е вградено во најновите модели со ознака Max 8 и Max 9 кај Boeing 737.

Причината за воведување на овој систем е следната. Boeing во најновите 737 авиони има вградено нови и поголеми мотори. Поради задржувањето на истиот дизајн на авионот, овие мотори морале да бидат поставени понапред од претходните. Ова придонесува до тоа да „носот“ на авионот се подигне во одредени ситуации, поради позицијата и силата на моторите.

Boeing со цел да нема потреба од обука на пилотите, односно поради задржување на „чувството“ на летање исто како со претходните модели, го воведува MCAS системот којшто кога ќе детектира подигање на носот, автоматски го насочува надолу.

Ова е направено поради опасноста од губење на подигачкиот ефект од воздухот, ако авионот многу се насочи нагоре, со што едноставно кажано, тој почнува да паѓа.

Проблемот кај двата авиони, односно тоа што се верува е дека сензорот за тоа колку е авионот насочен нагоре или надолу, успраќал погрешна информација, по што MCAS системот непотребно се вклучувал.

На тоа се додава и фактот што пилотите не знаеле за овој систем, па неуспешно се „бореле“ со него да го задржат авионот исправен. Системот самиот може да се вклучува цело време, а и му бил даден поголем приоритет од пилотите.

Според информациите, доколку пилотите знаеле за овој систем, кој иако не можат да го исклучат, тие ќе можеле рачно да го исклучат системот на којшто MCAS дава команда да го насочи авионот надолу, па веќе ќе нема кој да ја изврши командата, со што ќе се добие контролата на авионот назад кај пилотите.

Дополнителни информации од The New York Times говорат дека системот имал две дополнителни функции кои можеле да помогнат и можеби и да ги спасат авионите. Овие функции Boeing ги продавал како дополнителна опрема, а овие две компании не се решиле да доплатат.

Двете дополнителни функции, за кои се најавува дека Boeing едната ќе ја вклучи како стандардна опрема, се следните.

Првата е можност да MCAS системот добива и прикажува информации за наваленоста на авионот од два, наместо од еден сензор, со што доколку едниот покажува различни информации од другиот, ќе може да се претпостави дека едниот покажува погрешна информација.

Втората функција е ознака која пилотите можат да ја видат, која укажува на тоа дека двата сензори прикажуваат различни информации.

Без разлика дали пилотите знаеле за MCAS системот, доколку имале информација дека еден од сензорите прикажува погрешна наваленост на авионот, можеби ќе се сетеле да го исклучат автоматскиот систем кој го насочува авионот нагоре или надолу.

Истрагата сепак продолжува, па ги очекуваме официјалните причини за падот на двата авиони од Boeing.

ИЗВОРMIT Tech Review
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаВиз Ер Скопски маратон изненадува со секој чекор – нови медали за штафетен маратон, прекрасни маици и бесплатни групни тренинзи
Следна статијаNokia 7 Plus по грешка има испраќано информации до кинески сервер
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.