nike_fuelband_single_large1

Паметните часовници дефинитивно се производи кои што ќе бидат дел од уредите кои што ги носиме секојдневно. Часовникот кој што е веќе стар производ, ја има намалено својата функционалност, односно проверувањето на часот луѓето се повеќе го прават преку нивниот телефон. Со нивното надополнување со „паметни“ функции, нивната популарност, која што се повеќе се сведува на моден додаток, сигурно ќе се врати.

Кога подобро ќе размислите, голем број од нас константно, веќе по навика, го проверуваме нашиот телефон за да видиме дали имаме пропуштено некој повик или друга нотификација. Паметните часовници овозможуваат да секогаш сме во тек со нотификациите преку нивниот екран, па со тоа да немаме потреба од вадење на телефонот од џебот. Исто така тие вклучуваат и додатни функции, како можност за слушање на музика или поинтересните фитнес функции.

Досега паметни часовници имаат претставено Samsung, Sony, LG, Motorola, како и неколку помали компании, а Google официјално го претстави Android Wear за кого имаат договорено повеќе компании да претстават нивни часовници. Може да се каже дека се чека уште на Apple и Microsoft да ги претстават своите верзии, а за тоа веќе на големо се шпекулира.

Најновите неофицијални информации кои што доаѓаат од порталот Tom’s Hardware се однесуваат на можните карактеристики на паметниот часовник од Microsoft, кој што од компанијата се’ уште не е официјално потврден ни како можност. Како и да е, голем број од неофицијални информации се покажуваат како точни, па нивното следење е интересно доколку сте заинтересирани за конкретниот производ.

Според овие информации, часовникот од Microsoft покрај тоа што ќе работи со Windows Phone, ќе може да работи и на другите платформи, односно нема да биде ограничен на една и ќе биде cross-platform. Исто така тој ќе вклучува 11 сензори кои што ќе следат разни информации, како што се чекорите, пулсот и слично. Она што е интересно е информацијата според која што часовникот ќе биде во форма слична на Nike Fuelband и Samsung Gear Fit, односно нема да ја има стандардната квадратна или тркалезна форма, тука ќе биде потенок и во правоаголна форма. Исто така тој ќе биде наменет да се носи на долната страна на зглобот, нешто што од компанијата сметаат дека е поприроден начин на проверување на часовникот.

Паметниот часовник Microsoft се очекува да го претстави до Октомври оваа година. Сепак останува да видиме колку оваа информација ќе се покаже како точно, зошто според други информации претставувањето требаше да биде до ова лето.

Извор: Tom’s Hardware, Pocketnow, Gigaom

Претходна статијаSamsung го претстави Galaxy S5 mini, ги вклучува новите сензори од поголемиот модел
Следна статијаSynek – Свежо пиво во секое време
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.