wear1

Google го претстави Android Wear, изменета верзија од Android оперативниот систем направена за паметните часовници и слични уреди наменети за носење во Март оваа година. Веднаш по неговото претставување најавени беа часовници кои што ќе работат на овој оперативен систем од страна на Motorola и LG. Многу детали поврзани со оперативниот систем, а и двата часовници не беа објавени. На вчерашниот прв ден од Google I/O конференцијата овие часовници беа достапни за присутните, а изненадување беше приклучувањето на Samsung во оваа група кои што до сега не најавија вакво нешто. Нивната втора генерација од паметни часовници, Gear 2 работи на нивниот Tizen оперативен систем, па не беше баш јасно какви се нивните планови за Wear. Како и да е, вчера на конференцијата беа претставени три паметни часовници кои работат на Android Wear, односно Motorola Moto 360, LG G Watch и Samsung Gear Live. Во продолжение можете да прочитате она што е достапно како информација за часовниците, а деталите ќе бидат оставени сепак за нивното официјално пуштање во продажба.

Motorola Moto 360

Паметниот часовник од Motorola привлекува најмногу внимание од другите модели, најмногу поради неговиот дизајн. За разлика од повеќето паметни часовници кои што доаѓаат со дизајни во форма на квадрат, Moto 360 е тркалезен и наликува на обичен постар часовник. Кога некој првпат ќе го види нема веднаш да забележи дека се работи за паметен часовник, а од Motorola за тоа се имаат погрижено и со овозможувањето на голем број на теми за аналогни часовници. Телото на часовникот е направено од метал што остава навистина квалитетен впечаток. Повеќе информации околу неговите спецификации нема, па останува тоа да се дознае при неговото официјално пуштање во продажба. Цената по која што треба да се продава Moto 360 е некаде околу 250 долари.

Слика: Engadget
Слика: Engadget

 

LG G Watch

Часовникот од LG е можеби најмногу пати претставуван на јавноста преку кратки видеа. Како што можеше да се види доаѓа со стандарден квадратен дизајн и е направен од метал, што исто така го прави навистина квалитетен производ. За G Watch сепак има нешто повеќе информации, па така тој доаѓа со 1,65 инчен екран со резолуција од 280 x 280 пиксели и батерија од 400 mAh. Треба да се продава по цена од околу 230 долари почнувајќи од 2-ри Јули.

Слика: Engadget
Слика: Engadget

 

Samsung Gear Live

Овој модел на Samsung изгледа доста слично на нивниот Gear 2 паметен часовник. Доаѓа со дизајн во форма на квадрат, екран со големина од 1,63 инчи со резолуција од 320 x 320 пиксели, што овозможува нешто подобра слика од тој на LG. Исто како кај нивниот Gear 2, така и Gear Live вклучува сензор за пулс, што го издвојува до некаде од другите два модели претставени вчера. Треба да почне да се продава почнувајќи од 7-ми Јули по цена од 200 долари.

Слика: Engadget
Слика: Engadget

Што се однесува до оперативниот систем кај часовниците, односно Android Wear, присутните иако можеа да ги користат, не беа во можност да видат повеќе од функциите. Оперативниот систем бил наместен во режим за прикажување, па достапни биле само неколку функции. Меѓутоа од достапното може да се добие претстава како ќе изгледа работата со Wear кој што е направен да работи на база на карти и нивно повлекување во разни правци за навигација и правење на одредени активности.

 

Претходна статијаAndroid Auto, најкористениот оперативен систем сега во вашиот автомобил
Следна статијаGoogle Chromecast ќе поддржува screen mirroring
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.