lg-smartthinq-sensor-970x0

Паметни телефони, таблети, сензори, асистенти, часовници, возила, па дури и облека – „паметен“ е клучниот збор на денешницата. Нормално, под паметен се подразбира поврзаност на уредите меѓу себе и на Интернет и можност за помалку или посложена интеракција со нив. Што се случува тогаш со оние уреди кои ни седат по дома и кои не се „паметни“, а не сакаме/имаме потреба да ги смениме, како фрижидерот, микробранова печка итн.?

Од LG сметаат дека имаат решение како да ги „распаметиме“ и овие уреди. Имено, се работи за SmartThinQ, сензор кој овозможува да се „опамети“ некој уред со тоа што ќе биде закачен на него и ќе ја следи неговата состојба. Сензорот не само што ја следи состојбата туку може и да го управува уредот.

На пример, ако го закачите на клима-уредот, тој ќе ви каже кога е време да инсталирате нов филтер, но и ќе ви овозможи да го активирате и исклучите уредот по желба – и на оддалеченост од километри од вашиот дом, па можете да го вклучите неколку десетици минути пред да влезете дома за да ви се излади/стопли домот навремено.

Ако го сместите SmartThinQ на микробранова или стандардна (електронска, секако) печка, ќе можете да ги контролирате времетраењето и моќноста на печењето преку преносниот уред, па ќе можете да ја пуштите храната да ви се подготви исто така додека се враќате од работа. Ваквата функционалност исто така важи за машини за перење алишта и садови, телевизори и веројатно секој друг уред кој е од понова генерација, но се` уште не толку „паметен“ сам по себе.

Начинот на кој го остваруваат ова LG е преку употреба на ИнН (Интернет на нештата) рамката наречена AllJoyn која е со отворен код и е поддржана од 180 компании. Таа овозможува поврзување на најразлични паметни уреди во една мрежа која ќе може меѓусебно да си споделува информации и да се координира, како чекор кон развивањето на паметните домови.

Останува да видиме дали SmartThinQ ќе биде прифатен на пазарот колку што би сакал LG, но со оглед на тоа дека имаме еден куп „глупави“ уреди кои можеме на ваков лесен начин да ги опаметиме, не гледаме зошто не би успеал.

Извор: Android Central, Digital Trends

Претходна статијаXiaomi ќе претстави лаптоп компјутер идната година?
Следна статијаЕлон Маск – „Користењето фосилни горива е најглупавиот историски експеримент“