506A7566.0

Возење велосипед е нешто како возењето автомобил – кога еднаш ќе научите никогаш не се заборава (освен во случаи на мозочни удари и други заболувања). Ова е поради тоа што е многу едноставно да се научи. Управувате со гидан, вртите педали и тоа е тоа. Одлично, ефикасно средство за пренос низ градот кое не го загадува воздухот и вас ве прави поздрави.

Досега сме имале многу статии напишани кои се поврзани со велосипедизмот и разни типови на велосипеди, особено поради тоа што го поддржуваме овој еколошки и здрав начин на транспорт. Овојпат го покриваме новиот модел на велосипеди од Ford: MoDe – Flex. Велосипедот е електричен и може да ве вози без вие да правите ништо. Тоа што ќе биде различно од претходните е неговата поврзаност со Apple Watch и можноста да ве предупреди ако се доближувате на голема дупка пред вас.

Секој оној кој со велосипедот нагазил во голема дупка полна со вода или едноставно се превртел поради заглавувањето на тркалото ќе ја цени оваа опција. Се` уште не се знае како точно предвидува дали има дупка, дали преку информации од другите корисници или преку скенирање на патот пред вас. Предупредувањето ви го дава преку благо вибрирање на Apple Watch на вашата рака.

Како што спомнавме погоре, велосипедот е електричен и овозможува да се возите со него без да ги мрдате педалите. Ова може да биде спас за мрзливците меѓу нас кои сакаат да „возат“ велосипед, но може да биде и добра опција ако сакате наутро да стигнете до работа без да се испотите, па да возите активно на враќање.

Дополнителна одлична опција (која е вградена во името Flex) е можноста да се „скрши“ велосипедот за да се смести во возило без проблем. Уште една одлична опција е што апликацијата која ќе ја објави Ford ќе има опција за детално планирање на патеката која сакате да ја поминете, и која ќе ги зема факторите како гужва, временски услови, трошоци за паркирање и вашите фитнес потреби.

Во секој случај, добра иновација од страна на Ford, и се надеваме дека нема да чини неколку илјадници долари, каков што беше случајот со (веројатно) најлесниот велосипед на светот на Audi.

Извор: Gizmodo, Engadget, The Verge

Претходна статијаMicrosoft спрема четири нови Lumia телефони?
Следна статијаSLIDE – Лебдечки скирол од Lexus