lapworks-amigo-opening-1

Неодамна пишувавме за новата тастатура на Microsoft, која се преклопува на средината и која е лесно пренослива, а има и батерија која може да трае до три месеци со едно полнење. Сепак, тоа решение има еден, за некого веројатно голем недостаток, а тоа е дека копчињата се поделени на средината и една половина е достапна само за едната рака.

Решението на Lapworks е слично во поглед на склопувањето, но кога ќе се отвори, се добива целосна тастатура, односно иста каква што би користеле на вашиот компјутер, без поделени копчиња. За таа цел, оваа тастатура е составена од четири различни секции, односно три механизми за поделување, за разлика од онаа на Microsoft, која се дели само на средината. Ова можеби ја прави посложена, но дефинитивно поупотреблива од главниот конкурент.

lapworks-amigo-opened

Прилично изненадува и самата големина на тстатурата, која е во просекот на нормални тастатури за десктоп компјутерите и е многу употреблива за користење со таблети (подолу е споредена со тастатурата за iPad Air), па дури и поголеми телефони, како Samsung Galaxy Note, Nexus 6 и iPhone 6 Plus. За таа цел, Amigo е достапен и со специјални држачи за таквите уреди, со големина на дијагоналата на екранот до 10 инчи.

Amigo тастатурата се напојува преку micro USB кабел и има вградена батерија која може да издржи од 30 до 60 денови со едно полнење, што е солидна бројка и веројатно доволно за да се заборави на полначот. Со уредите, Lapworks Amigo се поврзува преку стандардна Bluetooth конекција, што ја прави компатибилна со скоро сите модели и оперативни системи.

lapworks-amigo-closed

Единствен недостаток во дизајнот е што корисникот ќе мора сам да ја исклучува пред да ја затвори, бидејќи со самото склопување не се прави тоа. За оние што забораваат, во превод, нека ја намалат бројката на траење на батеријата на скоро половина од тоа што ги пишавме погоре.

И на крај, на ред е и сериозниот недостаток, а тоа е цената од 140 долари и тоа ако ја порачате на интернет, што на толку висока цена не е најсреќно решение кај нас, бидејќи подлежи на дополнителни давачки. Но, кој сака да четува или да пишува на таблетот и во исто време сака преносливо решение, се чини оваа и тастатурата на Microsoft која чини 99,95 долари, се единственото решение.

lapworks-amigo-ipad-keyboard-comparison

Извор: ZDNet

Претходна статијаFacebook овозможи „вградување“ на видеата на други веб страни
Следна статијаМикрон и Интел ја откриваат новата 3D NAND флеш меморија