sunrise-cal-android

Microsoft дефинитивно покажува дека веќе не е истата компанија која што беше последните десетина години. Под водството на Satya Nadella изминатата година компанијата направи и претстави повеќе промени во политиката на работење.

Една од главните промени е политиката на поддршка на сите платформи, што резултираше со претставување на Office апликациите за корисниците на iPad, па подоцна и за Android. Со овој начин на работа, Microsoft ќе се обиде да биде присутен кај поголемиот број на корисници, без разлика дали тие се корисници на Windows или не. Од компанијата имаат сервиси кои што можат да ги понудат на многу поголем број на корисници доколку ги направат достапни на сите платформи. Тоа е така поради губење на голем дел од пазарот од страна на Windows, па ваквиот начин на работа е навистина логичен.

При крајот од минатата година Microsoft започна и со купување на одредени компании кои што имаат конкурентни сервиси, меѓутоа многу подобро направени. Пример е купувањето на Acompli, апликација за email која што е можеби најдобра од тоа што се нуди, а сигурно многу подобра од Outlook апликацијата која што ја имаше Microsoft. Сега истата е ребрендирана во Outlook, па Microsoft го има најдобро решение достапно за повеќето корисници.

Оваа недела излегоа информации дека Microsoft има купено уште една помала компанија која што има одличен производ. Се работи за компанијата Sunrise која што ја развива Sunrise Calendar апликацијата достапна за корисниците на Android, iOS, OS X, како и преку веб.

Sunrise работи преку повеќе извори на календари како што се Google Calendar, iCloud, Microsoft Exchange, како и други можеби не толку познати сервиси. Се карактеризира со одличен кориснички интерфејс и функционалност, што ја има направено апликацијата една од најпознатите во продавниците за апликации.

Официјални информации од Microsoft или од Sunrise уште нема, па оваа информација сега за сега е во рамките на шпекулации и протечени информации. Како и да е, доколку се земе во предвид досегашното искуството, може со голема сигурност да се претпостави дека тие се точни.

Инаку, според информациите, Microsoft ќе плати околу 100 милиони долари за компанијата која што ќе продолжи да функционира и да ја развива апликацијата. Дали понатаму тие би биле исто така ребрендирани или само нивната технологија би се користела од страна на Microsoft останува да се види.

Извор: The Verge, TechCrunch

Претходна статијаНовиот “Eero” рутер ветува дека веќе нема да имате проблем со слабата Wi-Fi мрежа
Следна статијаШто имаат заедничко Сириза и Valve? – дел 1
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.