Во тек се уписите за летните менторски програми на Семос Едукација кои се одржуваат трета година по ред преку летниот период. Семос Едукација во соработка со неколку компании креира 6 различни менторски програми за обучување во најбараните ИТ и креативни области, и тоа: Microsoft и Cisco Летна IT Школа во кои се вклучени стипендии до 1640 €,  Adobe менторска програма за графички дизајн; менторска програма за фотографија; менторска програма за внатрешен дизајн и програма за MERN full stack developer.

Менторските програми вклучуваат пакет на обуки во Семос Едукација и работа на реални проекти во реална работна околина, под менторство на професионалци од соодветна компанија, а најдобрите ќе добијат можност за пракса и вработување во компанијата.

„Летните менторски програми се реализираат трета година по ред и сме многу среќни што веќе е концепт кој е препознатлив помеѓу луѓето и компаниите. Оваа година го зголемивме бројот на часови кои учесниците ќе ги имаат со менторите од компаниите, како и со нашите предавачи кои ќе им помогнат во изработка на проектите. Во претходните 2 години имавме неколку успешни приказни, учесници кои станаа дел од тимот на реномирани компании. Ги повикуваме сите заинтересирани кои сакаат да бидат дел од понудените програми, да се пријават и да станат новата успешна приказна од летната менторска програма.“ – изјави Анче Јованоска, менаџер за човечки ресурси во Семос Едукација и раководител на Кариерниот центар од каде што потекнува првичната идеја за овие програми.

  • Со Adobe менторска програма за графички дизајн, слушателите ќе стекнат вештини за дизајнирање на илустрации, манипулација на фотографии, со што ќе се обучат за една од најбараните професии во областа на графичкиот дизајн. Менторската програма за графички дизајн ќе помогне слушателите да ги научат сите фази во процесот на дизајнирање, како и техниките на работа во софтверите Adobe Photoshop и Adobe Illustrator. Практичниот дел слушателите ќе го совладаат преку реален проект под менторство на претставници од маркетинг агенцијата Division.
  • Преку Летната менторска програма за фотографија, слушателите ќе стекнат вештини за фотографирање, едитирање и манипулација на фотографии и ќе бидат подготвени за најбараните професии Фотограф и Уредник на фотографија. Практичниот дел студентите ќе го совладаат преку реални проекти кои ќе ги работат на терен и во студио, заедно со компаниите Perfect и Аngelovski Photography.
  • Со Летната менторска програма за MERN full stack developer, студентите ќе станат fullstack developer и ќе учествуваат во развивање на скалабилни автоматизирани системи во областа на blockchain, FinTech, InsurTech, човечки ресурси, Healthcare, образование, итн. Во текот на менторската програма слушателите ќе имаат можност да работат на реални проекти под менторство на претставник од ИТ компанијата Inplayer.
  • Со Летната менторска програма за внатрешен дизајн слушателите за само 2 месеци ќе имаат можност да стекнат вештини од областа на архитектурата, внатрешниот дизајн и да заработуваат низ светот како дизајнер на ентериер користејќи ги најпопуларните софтверски апликации AutoCAD, 3DS Max & V-ray и Photoshop. Во текот на менторската програма слушателите ќе работат на реални проекти под менторство на претставник од студиото за внатрешен дизајн Montimpex Design.

Од Семос Едукација и оваа година овозможуваат целосни и делумни стипендии за летните менторски програми за Cisco IT и за Microsoft IT програмите.

  • За Летната Cisco IT менторска програма, Семос Едукација доделуваат 1 целоснa стипендиja од 1640 € и 5 делумни стипендии од 640 €. Повеќе за оваа менторска програма и начинот на аплицирање за стипендија на овој линк. Покрај обуката за Cisco мрежен инженер слушателите ќе работат на реален проект со ментор од компанијата EURO BPO.
  • Летната Microsoft IT школа е интензивна менторска програма која се одвива во период 3 месеци. Заинтересираните имаат можност да одберат една од трите професии: Microsoft Web Developer; Microsoft Server Administrator или Microsoft Data Analyst. Сите кандидати кои ќе аплицираат, учествуваат во тестирањето за целосна или делумна стипендија. Целосната стипендија е во вредност од 1605€, а 30 кандидати ќе добијат делумна стипендија од 555 €. Слушателите ќе работат на реални проекти со ментор од компаниите itCrowd и SAGA.

Во однос на пријавување за летните менторски програми, може да се пријави секое лице кое сака да учи, да се доквалификува или преквалификува и да работи на реален проект, а потоа ќе може да започне нова кариера во одбраната област. Од Семос Едукација велат дека праксата покажала дека најчесто се пријавуваат студенти, невработени лица или лица кои прават целосна преквалификација.

Сите детали и информации за овие програми се објавени на социјалните медиуми и на веб-страницата на Семос Едукација. На почетокот на месец јуни ќе се организираат и отворени денови за секоја програма поединечно, каде присутните ќе имаат можност да се запознаат со предавачите, програмата, како и со претставници од компаниите.

Претходна статијаСинтовите пристигаат – Фалената британска серија „Humans“ е достапна бесплатно на Pickbox
Следна статијаNokia 5.1, 3.1 и 2.1 донесуваат подобри перформанси и Android Go верзија на најслабиот модел