Оваа недела на понуда се филм, видео, книга и апликација во кои уживав и во кои се надевам дека ќе уживате и вие.

Филм што ме препоти –

Free Solo е документарец за Alex Honnold, човек кој е во потрага по највисоките планини на кои може да се искачи… без јаже и без никакви помагала, само со помош на своите раце и нозе. Филмот се фокусира на неговите напори да се искачи на врвот на El Capitan, карпа што е тешко да се гледа, камоли да се искачи. Последниот половина час од филмот го прикажува токму тоа искачување. Додека гледав, забележав дека несвесно ги стискам тупаниците во исчекување на најлошото. За неверување е што успеа да стори овој човек. Филмот заслужено доби Оскар за најдобар документарец.

Видео што ќе ве насмее –

You Suck at Cooking (3 Easy Chip Dips). Нема да се трудам да ги објаснам овие видеа, не сум сигурен дека можам. Подеднакво сум импресиониран од генијалноста на типот како и од одличниот хумор кој го внесува во секое видео. Успева да го задржи вниманието дури и кога објаснува како се прави сос за чипс.

Книга од која научив нешто ново –

Atomic Habits е напишана од познатиот блогер James Clear. Како што наговестува и насловот, се работи за четиво од кое може да научиме како да стекнеме нови, корисни навики, да се откажеме од штетните и да сфатиме зошто некои навики се дел од нашето секојдневие. Неговиот аргумент е дека треба да гледаме на навиките што сакаме да ги имаме како дел од нашиот идентитет за да можеме да ги промениме. Односно, наместо да велиш дека ќе пробаш да се откажеш од пушење, подобро е да почнеш да гледаш на себеси како човек што не пуши цигари. Советот е применлив на сите полиња во животот а книгата изобилува со додатни информации и тактики што може да ги примениме. Една од покорисните книги што сум ги прочитал во последно време.

Апликација што често ја користам периодов –

Spendee е одлична (и бесплатна) апликација за оние што сакаат да имаат преглед врз трошењето секој месец. Ги внесувате вашите месечни примања и потоа секој пат кога ќе платите за нешто, го внесувате и трошокот – во категории што самите можете да си ги креирате (пр. гориво, намирници итн.). Можете и да си креирате буџет за некој трошок и да се обидете да го почитувате истиот.

До следната недела…

Претходна статијаВип ја одржа втората годишна конференција „Women in Digital“
Следна статијаGoogle Chrome 73 донесува поддршка за медиа копчињата на тастатурите и темна тема на macOS