На дванаесеттото издание на Викенд Медиа Фестивал, кој се одржува во период од 19. до 22. Септември во Ровињ, пристигнува доктор Ранко Рајовиќ, најголемиот експерт во регионот кога станува збор за детскиот развој и воспитување. Рајовиќ на Фестивалот ќе одржи предавање насловено како “Децата и дигиталното доба: Како преку игра да го развиеме детскиот коефициент на интелигенција”. Долгогодишниот соработник на УНИЦЕФ на проект за поттикнување на ран интелектуален развој кај децата и професор на Педагошкиот Факултет во Копар, во интервју појаснува што претставува НТЦ методот и како тој влијае врз развојот на детскиот мозок. Прочитајте во продолжение што уште ни откри тој.

Резултатите од едно од Вашите истражувања покажаа дека децата пред 10 години постигнувале повисоки резултати во областа на моториката, математиката, логиката, вокабуларот и општото знаење. Што и на кој начин влијаело врз толку големи промени во детскиот развој?

Работев на истражувања за да утврдам во кои полиња децата постигнуваат послаби резултати, и она што го добив како резултат треба да е насока и да нѐ упати кон решавање на проблемот. Децата имаат послаба моторика, вниманието, концентрацијата и општото знаење им се на сѐ пониско ниво, додека пак вокабуларот им е се “посиромашен“. Нема игри кои ги активираат мисловните класификации, нешто што до пред 20 години било редовно присутно речиси во сите игри. Нема комплексни моторички движења, трчање, скокање, прескокнување, нема доволно комуникација помеѓу децата, игралиштата и парковите се празни. Голем број на фактори доведоа до ова, а наша задача е сево ова да го разделиме на сегменти и да го анализираме, за да најдеме решение и да им помогнеме на децата да се развиваат согласно промените во средината и да го достигнат својот биолошки потенцијал. Еден од важните фактори врз развојот е намаленото движење, а неговите последици се  видливи – децата имаат сѐ повеќе вишок килограми, го загрозуваат здравјето, а дијабетесот е сѐ поприсутен. Децата се моторички послаби, имаат рамни стапала, неправилно држење на телото, а секоја нова генерација има сѐ повеќе проблеми. Очигледно е дека мора итно да се реагира и да се спречи оваа појава, затоа што се поставува прашањето што ќе се случува за 10 години, ако уште сега имаме преку 50% деца со развојни пречки.

Го создадовте НТЦ иновативниот систем на учење. Можете да ни објасните за што точно станува збор?

Оваа програма ја развивав со години заедно со неколку пријатели и стручни лица од Европските земји, а ги опфаќа развојот на мозокот и способностите за учење.  Програмата има три фази на имплементација – развој на мозокот, математичко-логичко размислување и функционално знаење. Клучна и најважна улога имаат родителите, бидејќи средината има големо влијание врз развојот на мозокот и когнитивните способности, а нејзиното брзо менување го става родителството во фокус. Всушност, на родителството никогаш не се гледало дека е до овој степен суштински важно – брзите промени во животната средина веќе земале “данок“, па сѐ повеќе и повеќе деца се со пречки во развојот. Наставниците ни кажуваат дека секоја нова генерација е малку послаба (моторички способности, внимание и концентрација) во споредба со претходните. Деца пристигнуваат во прво одделение со веќе послаби резултати, што значи дека проблемот се појавил пред училиштето, во фаза кога најважни се родителите. Но, родителите не се виновни, а и не можат да бидат, затоа што сите нивни дејствија се водени од верувањето дека се за добро на децата. Проблемот е незнаењето на родителите и погрешно толкување за тоа како животната средина може да го оштети или забави развојот на мозокот.

Што е она што го сугерирате на родителите? И како може да ни помогне НТЦ иновативниот систем?

Се залагам за едукација на родителите, но и за еден поинаков вид педагогија која ќе се занимава со анализа како новите промени во средината може да влијаат врз развојот на мозокот, со цел да можеме превентивно да делуваме на проблемите и на новите развојни пречки кои се појавуваат. Значи, НТЦ програмата е практична примена на откритијата од неврофизиологијата во педагогијата. Оваа програма ја работам веќе 10 години и веќе е одобрена од Министерствата за Образование во седум држави, а во уште 20 се спроведува преку ЕУ проекти (Еразмус и ИПА) или заедно со некои образовни институции, факултети, училишта или градинки. Наменета е за сите оние кои работат со деца, а само пред неколку години почнавме да работиме директно и со децата и за нив отвораме НТЦ центри во рамки на училиштата,  организираме НТЦ кампови и работиме по нови методи кои наликуваат на игра. Често се случува децата да не забележат дека учат, односно мислат дека се вклучени во игра, а кога ќе ја завршиме играта, тие повторуваат речиси се од лекциите кои сме ги одработиле со некои од НТЦ методите.

На каков начин дигиталното доба позитивно влијае на децата и нивниот развој, а на кој начин негативно?

Дигиталното доба носи големи достигнувања, развојот на сите дисциплини во науката се одвива со брзо темпо, нови професии се појавуваат секоја година. Иднината пристигнува брзо, но мислам дека не сме подготвени онака како што навистина треба. Од десетте најбарани професии, дури 9 од нив не постоеле пред 10 години. Ова е показател дека ги подготвуваме децата за професии кои сеуште не постојат. И тука се наметнува основното прашање – која е функцијата на образовните институции? Да ги учат децата да размислуваат или пак да ги научат да учат на памет? Секако, да размислуваат, но детето почнува да мисли во рана фаза од својот развој, уште пред да прозбори, што значи дека улогата на родителите е важна во овој период. За жал, во повеќето држави во Европа и понатаму се учи напамет и сите чекаат некаков напредок, но за жал, резултати нема. Новите технологии се тука да ни помогнат, но сѐ почесто го “заробуваат“ слободното време и на родителите и на учениците, па дури и на оние ученици кои се на помала училишна возраст. Морам да потенцирам дека не сум против новите технологии, но мораме да бидеме внимателни, особено кога им ги дозволуваме на децата, затоа што за многу краток период може да развијат зависност, што автоматски доведува до попуштање со успехот во училиштето.

Родителите сакаат децата да се во чекор со времето, но истовремено се плашат дека на овој начин ќе им одземат на децата од времето наменето за игра со врсниците и традиционалните играчки. Кога е вистинско време да го запознаете детето со мобилните уреди?

Нема јасни препораки, но она што можам да ви го потврдам од досегашното искуство е дека мораме внимателно да дозволуваме пристап на новите технологии, што се разликува од реалната слика. Истражувањата на кои работев во неколку држави со колегите од Пула (професорката Маја Ружиќ и доцентот Андреа Дебељух), во 2016 година, покажаа дека преку 80% од учениците во четврто одделение имаат свој мобилен телефон. Идната година планираме да го повториме истражувањето и претпоставуваме дека ќе имаме уште поголем број на корисници на мобилни телефони. Не постојат јасни препораки кога можеме да им дадеме на децата таблети и телефони, но моја препорака е тоа да биде што покасно, а родителите да бидат доследни и да не дозволуваат детето да користи мобилен телефон кога ќе посака. Мора да има ограничено време.

Што ги советувате родителите како правилно да се ориентираат и да се подготват за новото дигитално доба кое доаѓа?

Не можеме да забраниме пристап за новите технологии – тие се потребни, корисни и неминовни. Она што е важно е да се има контрола што и колку смееме да користиме. Опасноста се крие во неумерената употреба. Децата брзо развиваат зависност, затоа што преку гледањето во екранот и преку решавањето задачи во видео играта, нивото на допамин кај нив се зголемува, а штом го поминат нивото во рамки на играта, тогаш се лачат и други хормони кои даваат чувство на среќа. Тие всушност добиваат сѐ – исчекување, радост, тага, среќа, напнатост, лутина… Се сѐ решава безболно – менувајќи 10 емоции за 15 минути. Тоа не е реално во вистинскиот живот, па затоа виртуелниот свет станува се поинтересен, подинамичен и попривлечен, а децата губат интерес за реалноста, бараат својот потенцијал да го задоволат веднаш. Прагот на толеранција е нула, додека пак фрустрацијата е висока – ова го гледаат родителите и често пати се немоќни. Подобро е родителите ова да го знаат за да можат да се подготват и себеси и децата за кога ќе дојде моментот да им дозволат да се впуштат во виртуелниот свет.

Што можеме да очекуваме од Вашето предавање на овогодинешниот Викенд Медиа Фестивал?

Ќе пробам да доловам со кои проблеми децата се соочуваат до третата и до шестата година, во училиштата, како средината ги менува когнитивните способности, како да им помогнеме и секако, како медиумите може да помогнат во едукација на родителите со цел да ги сочуваме новите генерации деца.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.