Изминативе неколку дена, особено во текот на вечерта и во раните утрински часови, ниските зимски температури го земаат својот „данок“ на возилата и ѝм прават проблем на возачите. Па така, после добро утро, најчестите муабети во овие зимски утра се: … не ми „запали“ колата, акумулаторот ми „цркна“, откажа електрониката, ми замрзнаа „кочниците“, ми загрева моторот на возилото, не ми работи парното во колата, смрзнав и не можам да ги одмрзнам стаклата, немам зимски гуми и др.

Ниските темперaтури значително влијaaт врз техничкaтa испрaвнoст нa вoзилoтo и тoкму зaтoa, особено кога температурите се во длабок минус, неoпхoдна е редовна техничкa прoверкa нa вoзилoтo. Но, и покрај тоа, дел од возачите, поради повеќе неоправдани причини, не прават редовна контрола и редовно одржување на возилото.

Најчести изговори за неодговорниот однос кон возилото, во овие зимски услови, се: „Добро е,  ама немам време за такви работи“, „Добро е, ама не ми се даваат пари и за тоа“, „Ме мрзи“, „Што и да правиш – џабе е“, „Кога не ти е гаражирано возилото, ништо не помага“, „Автомобилот не е само мој, го вози и брат ми. Нека направи и тој еднаш сервис“, „Така требало да биде“ и многу други.

Многу изговори, многу неиздржани оправдувања, а исходот е само еден – проблеми со возилото и небезбедно учество во сообраќајот.

Токму затоа, РСБСП со апел: Без изговори и без оправдувња! Направете техничка проверка и подгответе го возилото за безбедно возење во зима. Согласно тоа, РСБСП препорачува:

  • Проверете и заменете го маслото на моторот. Редовната замена на маслото значи и подобра работа на моторот на возилото, особено во зима и при ниски температури.
  • Проверете го акумулаторот. Ладното време и ниските температури можат да го испразнат акумулаторот, особено ако паркирате надвор. Задолжително проверете го акумулатотот и доколку е слаб, сменете го на време за да се поштедите од несакани изненадувања.
  • Проверете го антифризот. Кај поновите возила, антифризот трае до пет, па и повеќе години, но веќе после петтата година задолжително е да се направи сервис и промена. Кај постарите возила, задолжителен е сервис – да се испушти стариот и да се замени со нов антифриз.
  • Проверете ги бришачите и течноста за бришачи. Основно правило за сигурност и подобра видливост на патот во зимски услови е – здрави бришачи и полн резервоар течност за бришачи што не замрзнува и до -30˚С.
  • Проверете го притисокот на гумите. Притисокот на воздух во гумите секогаш треба да е соодветен со оној што е внесен во упатството за употреба на возилото. Не е точно тврдењето дека за замрзнат коловоз подобри се „помеки гуми“. Возењето во услови на снег и замрзнати коловози, со несоодветен притисок на воздух во гумите, може да биде опасно.
  • Проверете ги сопирачките. Сопирачките се секогаш важни за безбедност во сообраќајот, но посебно се важни кога коловозот е лизгав. Проверувајте ги почесто, проверувајте ја и течноста за функционирање на системот за сопирање-глицеринот.
  • Проверете ги фаровите и светлата. Фаровите (надворешниот стаклен дел) секогаш треба да се чисти, да не се покриени со кал и на нив да нема фатено мраз. Најдобар начин да ги заштитите од снег, од дожд или од вода, е да ги премачкате со восок.
  • Проверете го парното. Парното е исклучително важно, не само за удобно патување, туку и за одмрзување на стаклата во возилото и за спречување на нивно замаглување.
  • Исчистете го целиот снег од возилото. Возачите често го чистат само оној дел од возилото што ѝм е најпотребен, односно доволно за да можат да гледаат надвор. Тоа е многу лоша навика бидејќи освен тоа што тие треба да гледаат прегледно надвор од возилото, и другите возачи треба да имаат можност да го видат нивното возило – светлата, трепкачите, стоп светлата итн. Исто така, снежната покривка што останала на возилото, може да се разлета и привремено да го заслепи возачот кој доаѓа од спротивната насока.

Зимска опрема. Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема се применува од 15 ноември минатата година и ќе трае до 15 март 2019 година. Доколку сѐ уште не сте обезбедиле соодветна зимска опрема, направете го тоа веднаш. Комплетната зимска опрема за возилото е неопходна за безбедно движење и за успешно справување со несакани ситуации во зима. Покрај задолжителната зимска опрема (зимски гуми или ланци), препорачливо е во возилото секогаш да имате мала лопата, малку песок, стара крпа, метличка за чистење снег од стаклата, спреј за одмрзнување стакла и брави итн.

РСБСП: Биди одговорен возач. Направи техничка проверка на возилото. Без изговори!

Претходна статијаMicrosoft работи на целосна промена во пристапот на приватноста на корисниците на интернет
Следна статијаBluetooth чип кој работи без потреба од батерија ќе овозможи можност за поврзување на голем број на производи