Американската компанија Wiliot е во фаза на развој на чип којшто може да се каже дека ќе претстави еден вид на револуција во Интернетот на Нештата, односно во поврзувањето на се повеќе работи со мрежата.

Веќе гледаме како се повеќе “стари” и познати производи, влегуваат во категоријата на паметни, поврзувајќи се на интернет и овозможувајќи им на корисниците дополнителни предности од основната за која се направени.

Чипот од Wiliot ќе овозможи поврзување на дополнителни производи и сервиси кои и со сегашниот развој на технологијата ги немаме замислено.

Се работи за Bluetooth чип со вграден ARM процесор со многу мала големина и најважното од се, без потреба од батерија како извор на енергија.

Овој чип се напојува од околните радио бранови, односно од Wi-Fi мрежите, Bluetooth мрежите, како и од мобилните мрежи.

Ова, заедно со големината, овозможува вградување на овој чип во голем број на производи и нивно поврзување во светот на Интернет на Нештата.

За да бидат работите појасни, односно да може да се добие претстава кои би биле некои од можните примени на овој чип, од Wiliot даваат неколку пример:

  • Bluetooth налепници може да се вградат во производите уште во фазата на производство со што ќе може да се следат во целиот процес, како и по неговата продажба
  • Производите нема да мора да имаат испишано на нив информации, а истите корисниците ќе можат да ги читаат преку нивниот мобилен телефон
  • Упатствата од производите може да бидат поставени на нив и корисникот ќе може да ги прочита преку неговиот телефон, тргајќи ја потребата од чување на печатени упатства
  • Производите во фрижидерите, на пример, ќе може да бидат следени за тоа колку се потрошени, па автоматски да се направи нарачка кога истото ќе биде потребно
  • Вредни производи ќе може да бидат следени доколку бидат украдени
  • И последното е навистина интересно… Алиштата ќе може да комуницираат со машината за перење со цел пуштање на соодветната програма и избегнување на ситуациите кога бели алишта се ставени со шарени, на пример

Ќе треба да почекаме уште малку додека видиме производи на пазарот со ваков чип, но од компанијата веќе имаат обезбедено доволно средства преку инвестиции и од компании како Amazon и Samsung.

ИЗВОРWiliot
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаБез изговори! Подгответе го возилото за безбедно возење во зима
Следна статијаMicrosoft работи на поддршка на Windows 10 за уреди на превиткување
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.