129 загинати лица во сообраќајни незгоди во 2018 година. 155 загинати лица во сообраќајни незгоди во 2017 година. 165 во 2016 година. Околу 6000 повредени секоја година. И така, години со ред. Алармот е вклучен. Смрт на патиштата, голем број жртви и повредени, огромни материјални загуби. Oдговорноста e заедничка, на институциите и на учесниците во сообраќајот. Од тука и прашањето: Што вие лично, преземате за да се намалат сообраќајните незгоди? Дали некогаш сте возеле под дејство на алкохол? Дали редовно ја почитувате законската одредба за нула толеранција алкохол во крвта за професионални возачи и за возачи почетници или одредбата т.е. ограничувањето за 0.50 г/кг алкохол во крвта за сите останати возачи?

Истражувањата на РСБСП покажуваат дека 80 % од возачите во Република Македонија барем еднаш во животот возеле под дејство на алкохол, а 5 % тоа го прават често.  

Овој податок покажува зошто се гине на патиштата во Македонија. На прашањето како да се стави крај на таа лоша навика, следува логичен одговор: прво и основно, контроли и казни за сите кои не го почитуваат Законот, за сите, без исклучок, кои го загрозуваат животот и безбедноста на учесниците во сообраќајот. Казните даваат ефект, но дали сите можат да бидат контролирани, дали сите можат да бидат казнети? Што е со свеста и со одговорноста?

Ако 80% од возачите некогаш возеле под дејство на алкохол, а 5 % тоа го прават често, иако нема официјален податок, многу веројатно е дека 85% од возачите не се казнети за возење под дејство на алкохол. Ова покажува дека возачите се многу вешти во избегнување на контролите, но истовремено покажува и дека не се свесни за опасностите од возење во пијана состојба.

Оние 5 % кои често возат пијани заслужуваат секаква осуда. За нив дефинитивно само големи казни, одземање на возачката дозвола и исклучување од сообраќајот, не привремено како што налага Законот (максимум 12 месеци), туку и трајно (со измена на законската регулатива). Нив слободно можеме да ги наречеме: несовесни, неодговорни, недостојни, непримерни возачи, па и личности. Тие претставуваат голема опасност за безбедноста во сообраќајот и за животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот. За ова, сите се сложуваме.

А што станува со останатите 80 % кои еднаш, двапати, понекогаш, малку или малку повеќе пијани, возат и се сметаат себе си за одговорни и за безбедни возачи?

Тие, дури 80% од возачите, се подеднакво опасни и несвесни како и останатите 5 %. Разликата е во тоа што оние кои често возат пијани не размислуваат за ништо, а останатите 80 % кои понекогаш возат пијани, размислуваат, ама бараат изговори: „Се случи еднаш“, „Јас и пијан сум совесен и одговорен“, „Јас и пијан сум способен да возам“, „Еднаш, двапати не е страшно, нема сигурно веднаш да се случи незгода“, „Не е важно дали сум пијан, важно не возам брзо“, „Не бев многу пијан, инаку не возам“ и многу други.

Има и такви „самобендисани“, па тоа што возеле пијани им претставува своевидна гордост и своето „оправдување“ го наоѓаат со други изговори: „Таков сум јас, нема што да се прави“, „Кога сум пијан, ништо не може да ме запре“, „Не ми е првпат, немам гајле“, „Јас сум непоправлив“

Иако на прв поглед не е исто дали еднаш си возал пијан или тоа го правиш често, важно е да се потенцира дека последиците не прават разлика. Фактот дека оваа година, во сообраќајни незгоди,  животот го загубиле 129 лица, минатата 155, предминатата 165, зборува сѐ.

Фактот дека првпат возите пијан или само понекогаш, не ве ослободува од одговорност. Жртвите, повредените, загубите, не може да бидат надоместени без разлика дали вие првпат возите пијан или не. Нема разлика. Штетата е неповратно нанесена. Болката и загубата се трајни.

Не е случајност, лоша среќа, ниту судбина да загинеш во сообраќајна незгода кога возиш пијан. Тоа е несовесно учество во сообраќајот. Тоа е предизвикана штета поради лоша одлука или лоша навика.

Затоа РСБСП со апел: Без изговори и без оправдување. Никогаш, апсолутно никогаш, не вози пијан. Алкохол и волан е комбинација што најчесто завршува фатално! Биди одговорен возач!

Оставете коментар