Google, поточно делот којшто работи со вештачка интелигенција, го претстави Translatotron, преведувач кој работи на нов систем за разлика од Google Translate, а и останатите вакви системи.

Google Translatotron може директно да преведе од звук во звук, со што се намалуваат чекорите кои се обично потребни за да се дојде до крајниот резултат, односно прикажување на преводот со звук.

Обичните преведувачи обично имаат три нивоа, односно три чекори при преведувањето. Прво, системот треба да го препознае гласот и што е тоа што го кажува, со што го претвора во текст. Тој текст потоа се преведува, по што истиот се чита во новата преведена форма.

Translatotron прави директно преведување на самиот глас, без притоа да го претвори прво во текст. Ова треба да придонесе кон многу побрзо преведување, но исто така и поточно, а најмногу и поради вештачката интелигенција која може да „разбере“ што била целта на говорот.

Овој нов систем овозможува и уште една интересна предност која сигурно ќе им се допадне на корисниците кога ќе можат во иднина да го користат системот. Поради начинот на преведување, односно технологијата зад истото, крајниот гласовен резултат може да биде со гласот на говорниот.

Се разбира, гласот, барем на почеток, нема да звучи целосно како говорникот, меѓутоа системот прави се што може за да сличноста биде на високо ниво.

Како некој што не пропушта да гледа научно фантастични филмови и серии, не можам да не направам споредба со „универзалниот преведувач“ којшто е популарен во Star Trek серијата и филмовите. Технологијата се развива до степен којшто веќе можеме да го споредиме со ваквите филмови.