Да нема забуна, да нагласиме уште на почеток, се работи за крај на поддршката за Windows Phone 8.1 оперативниот систем, додека Windows 10 Mobile продолжува да биде поддржуван, барем засега.

Ова сепак не е мала вест со оглед на процентот на корисници кои ја користат оваа верзија, па дури и постара од системот. Многу помал процент од корисниците се надградени на Windows 10 Mobile, а за голем дел од нив надградбата не ни следува.

Како и за било која друга верзија од Windows, така и за Windows Phone, крајот на поддршката значи дека Microsoft веќе нема да пушта надградби за корисниците, нити ќе им нуди помош во одредени ситуации.

Надградбите, кои одамна не вклучуваат нови функции, со крајот на поддршката ќе престанат да ги вклучуваат и безбедносните надградби или било какви други.

Ова слободно може да се каже дека го означува крајот на Windows Phone, оперативниот систем кој можеби имаше најголеми шанси да земе поголем дел од пазарот кој е доминиран од Android и iOS.

Microsoft не успеа во таа задача, а тоа најмногу се должи на бавното вклучување на нови функции на оперативниот систем, функции кои се сметаа за основни и одамна достапни кај конкурентите.

Исто така, програмерите никогаш не почнаа да гледаат потенцијал во оваа платформа, па таа никогаш не го доби потребниот избор на апликации за корисниците да имаат причина да се префрлат. Апликациите кои беа достапни, ги немаа сите функции како на другите платформи, а и многу поретко беа надградувани.

Windows 10 Mobile останува да биде надградуван, меѓутоа и оваа верзија не добива нешто посебно новини, како што е случајот со десктоп верзијата. Кога на тоа ќе се додаде фактот дека веќе нема нови Windows паметни телефони, поддршката за овој оперативен систем е чисто формална.

Извор: The Verge, Engadget

Претходна статијаQ6 е нов смартфон на LG со издолжен дисплеј, овој пат од средната класа
Следна статијаThorne Wallet паметниот паричник достапен во продажба од 17 јули
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.