Мобилните уреди ќе бидат заслужни за дури 75% од интернет сообраќајот идната година

Напишано на 01.11.2016 - 16:14 од Мишо Лекиќ

ipad-820272_640

Агенцијата Zenith, како дел од нивното Mobile Advertising Forecasts истражување, излезе со интересни бројки кои покажуваат како корисниците го користат интернетот.

Иако воопшто не изненадува фактот што голем дел од интернет сообраќајот доаѓа од мобилните уреди, сепак, предвидувањето за годините што следат покажува интересен тренд. Според нив, до идната година, дури 75% од интернет сообраќајот ќе доаѓа од мобилните уреди, а овој процент се очекува да се зголеми на 79% до 2018.

Најголем процент на интернет сообраќај од мобилните уреди има во Шпанија каде таа броја доаѓа до дури 85%. После нив доаѓа Хонгконг со 79%, Кина со 76%, САД со 74 и Индија со 73%.

Од агенцијата истакнуваат дека користењето на мобилниот интернет, логично, е директно врзан со бројот на мобилни уреди кои се користат, а бројката е зголемена за 2,4 пати во изминатите 4 години.

Па така, во 2012 година 23% од населението поседувале паметен телефон во 60те земји кои се дел од истражувањето. Процентот е зголемен на 56% до оваа година, а се очекува раст до 63% до 2018.

Со оглед на бројките, од агенцијата им препорачуваат на огласувачите да го искористат периодот што следи и нивните кампањи да ги прилагодат пред се за мобилните уреди кои очигледно ќе бидат главниот медиум.

Инаку, причината поради која овие бројки иако очекувани, се интересни како анализа, е поради фактот што сепак бројот на десктоп и лаптоп компјутери во светот се’ уште е голем. Тука се компаниите, меѓутоа и големиот број на домашни корисници кои се’ уште сурфаат од ваквите уреди.

Процентите покажуваат дека без разлика на бројот на други уреди, повеќето се почесто ги користат нивните мобилни уреди за дневното разгледување на интернет содржините.

Извор: Zenith, Android Authority

За Авторот

Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.