Скопје, 3 ноември – По големиот успех на јавното предавање и работилницата со Форензик Архитектура во соработка со Музејот на современата уметност во Скопје, Британскиот совет продолжува со презентација на одлична програма во рамки на фестивалот PlayUK Arcadia 2018.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј официјално ја отвори изложбата на видео игри синоќа, на 2 ноември во Младинскиот културен центар и во нејзиното обраќање нагласи: „Иновативноста е одличен начин за поврзување на луѓето бидејќи постојат извонредни индивидуи и во Велика Британија и во земјите од Западниот Балкан. Преку оваа програма, Британскиот совет создава врски помеѓу професионалците од Обединетото Кралство и од земјите од регионот. Тоа е во сржта на работата на Британскиот совет.“

Повеќето посетители имаа единствена можност да уживаат во алтернативните видео игри, дел од нив претставени пред публиката за прв пат, од Велика Британија и од Западен Балкан. Највпечатлива беше инсталацијата „Дневна соба на иднината“ за која луѓето чекаа во редица и до еден час за да дознаат како нивните дневни соби би можеле да изгледаат во иднината.

Во музичкиот дел од програмата, светски познатиот диџеј Бен Пирс ќе ја заземе сцената вечерва заедно со Ода Халити и Нино Наумов.