LG

Компанијата LG претходниот период претстави некои навистина квалитетни мобилни уреди. Меѓутоа силната конкуренција како да не им дозволува да остават значителен впечаток на глобалниот пазар.

За да ја подобрат својата репутација, тие за 2018-та планираат ребрендирање на нивната G серија. Она по што компанијата стана препознатлива уште од 2012-та година, сега ќе замине во историја. Со ребрендирањето прв ќе биде опфатен телефонот кој се очекува да биде претставен во првите 6 месеци од годинава. Јавноста шпекулираше дека уредот ќе го носи името G7. Но, од LG коментираат дека предност ќе добие назнака со две цифри.

Што се однесува до самиот уред, малку се познати детали во врска со неговите карактеристики. Непотврдени информации кружат на Weibo во врска со процесорот кој ќе го напојува „знаменосецот“ на LG.

Ваквиот потег на голема компанија од размерот на LG е сосема вообичаен. LG „се мачи“ да фати приклучок со големата двојка конкурентски компании. Технологијата со која располагаат нивните уреди е навистина солидна и телефоните покажуваат добри перформанси. Меѓутоа, што се однесува до статистиките, нивните смартфони се делеку помалку продавани од било кој модел на Samsung или Apple.

Ребрендирање на целата серија на уреди ќе значи трошоци во маркетиншкиот дел. Ќе биде потребна комплетно нова кампања која одново ќе треба да ја освојува публиката. Целиот амбициозен план доаѓа на ред за реализација во година кога се очекува промоција на цела плејада мобилни уреди. Колку ваквата тактика на корејскиот гигант ќе се покаже како исправна, ќе покаже пазарот во текот на годинава.

Извори: TechnoBuffalo, AndroidCentral

Претходна статијаSamsung го претстави Exynos 9810
Следна статијаСноуден разви апликација која ја докажува ранливоста на нашите уреди