Middle-age-could-soon-go--009

Дали сте спремни за бесмртноста? Има убави шанси некои од луѓето кои се живи и млади денес да дочекаат бесмртност, а голем процент од останатите драматично продолжување на здравиот и способен период на животот. Дали би поверувале во такво нешто?

Технолошкиот развиток е главната тема на Смартпортал. Постојано гледаме нови технологии кои најчесто го прават животот полесен и поефикасен. За жал не секогаш подобар – на пример, сеопштото шпиунирање на дигиталните комуникации предизвикува огромни негативни ефекти врз менталното здравје на луѓето, а раширеноста на сервиси како Instagram и Facebook ги вадат на виделина и нагласуваат негативните тенденции кај луѓето.

Негативните аспекти на новите технологии се неодделно врзани со позитивните. Како што нуклеарната технологија може да се користи за евтина енергија, може и да се користи за разорно нуклеарно оружје. Понекогаш и самото оружје може да се искористи за позитивни (?) цели, како тераформирање на Марс.

Новите технологии носат ветување за подобрување на животот и работите кои ги правиме. Па така, тие носат и ветување за подобрување на квалитетот на животот и здравјето, потенцијално до бесконечност.

Аналогно продолжување на животот

Првата област во која можеме да делуваме за продолжување на животот е преку подобрување на нашите „аналогни“ средства, под што се мисли подобрување на нашето тело и сè што влијае на неговото здравје.

Човековиот живот е со радикално зголемен очекуван просечен распон, па од 33 години во Палеолитот, очекувањата за животен распон се имаат зголемено на 67,2 години во 2010 г. на светско просечно ниво. Најголемиот развиток во ова го има во последните два-три века, во кое е остварено претходноспомнатото дуплирање на очекувањето околу животен распон. Тоа секако не значи дека луѓето во Палеолитот сите паѓале мртви на 33 години, туку комбинираниот процент на детска смртност заедно со пристапот до чисти услови за живеење, медицина, техники и технологии им давале очекуван животен распон од толку години.

Прашањата кои се поставуваат се до каде можат да одат овие подобрувања во квалитетот на животот и дали ќе овозможат теоретски бесконечен биолошки животен век? Според Реј Курцвејл и Обри де Греј, двајца можеби најпознати залагачи за радикално продолжување на животот, подобрувањето на квалитетот на нашата биологија е скоро-неограничен како што се наближуваат следните неколку декади.

Тоа може да се оствари на неколку начини. Имено, најголемата причина за смртност се срцевите заболувања, кои земаат дури 29%. Втори на листата се инфективни и заразни болести кои се одговорни за 23% и малигни заболувања (рак и тумори) со 12,49%.

Во оној момент кога ќе ви откаже срцето или ќе има некое опасно заболување веќе постои можност да ви се испечати ново кое ќе функционира скоро идентично како вашето „оригинално“, со тоа ефикасно елиминирајќи огромен процент од смртните случаи од срцеви заболувања (со оглед на фактот дека секогаш ќе можете да си купите уште едно срце ако претходното ви откаже).

Дополнително, во очекување е создавање на вистински лек против ХИВ, Хепатит и останати заразни болести во следната декада, делумно поради напредок во фармацевстката индустрија (која веќе ја претвори СИДАта од акутна во хронична болест), но и преку напредок во нанотехнологијата која ветува значајни напредоци и подобрување на перформансите на клетките на имунитетниот систем и другите оддржувачки системи во телото. Сличното важи и за борбата против ракот и туморите.

Само напредокот во овие три фактори сè на сè значи елиминирање на дури 65% од причините за смртност!

Од четврта страна, во последните две декади сме сведоци на сè повеќе информации околу исхраната, начинот на живеење и работење, кои ни овозможуваат да ги направиме вистинските избори за подобрување на нашето здравје (како што е редовното вежбање, јадење на сирова и природна храна, избегнување едноставни шеќери и слично) и избегнување на факторите кои ни земаат години од нашиот живот (како пушењето, прекумерното седење и слично).

Во нашата потрага по подолг и поздрав живот сè повеќе ја користиме и технологијата за да ни помогне да ги постигнеме целите и да памти досадни податоци место нас. А, можно е да се направи и едноставно апче за симулирање на ефектите од редовна вежба, па само со помош на технологија ќе можете да бидете здрави и способни дури и во својата 7-ма и 8-ма декада од животот како да сте во своите триесетти.

Засега, тоа што можете да го превземете за да ги подобрите аналогните карактеристики на своето тело барем додека да стигнат да бидат достапни новите технологии за истото се:

  • 150 минути неделно средно-кон-интензивно ниво на вежба;
  • 10.000 чекори дневно;
  • јадење на што повеќе зеленчук, јатки и сирова храна, а што помалку храна од животинско потекло (фокусирајте се само риба и пилешко месо);
  • паметна изложеност на Сонце која ќе помогне во лачење на серотонин (хормон на среќа) и на Витамин Д (еден од најсилните антиоксиданси и есенцијален за целотелесно здравје);
  • медитација и генерално што поопуштен живот (што резултира во помало лачење на кортизол кој предизвикува предвремено стареење на телото).

Ако имате потреба од дополнителни информации, погледнете го последното видео погоре. Во следниот текст од овој серијал ќе ги обработам дигиталните начини за постигнување на бесмртноста, кои очекувано ќе следат кога сите аналогни биолошки фактори ќе ги постигнеме и веќе ќе нема простор за напредок во нив.

Дополнителни информации: The Guardian, Chirp News, Wired, Longevity.About.com

Претходна статијаSpaceX конечно успеа да ја слета Falcon 9 ракетата на платформа во океан
Следна статијаHTC официјално го претстави “10” – има нова камера од 12 мегапиксели и Boom Sound звучници со вуфер