Screenshot_1

Тајванскиот производител се чини конечно се враќа на вистинските патеки – по одличниот VR уред Vive, тие денес го претставуваат новиот знаменосец смартфон, кој го носи името “10” и кој не само што ќе е најдобриот HTC телефон досега, туку има многу адути со кои може сериозно да ги замрси сметките на Samsung Galaxy S7 и iPhone 6S.

Однадвор, дизајнот е еволуција на тоа што HTC го правеше досега. Телото не е претерано тенко – најдебелата точка брои 9 милиметри, но затоа на краевите е дебел само 3 милиметри. Ако можеме да им веруваме на колегите кои беа на официјалната промоција, телефонот е исклучително прецизно изработен и нуди луксузно чувство на корисникот. Поточно, многумина од нив изјавија дека моментално е најдобро изработениот смартфон, што и не е чудно – HTC дефинитивно знае како да направи алуминиумски смартфон.

danseifert-htc-10-hands-on-26.0

Најголемите промени се наоѓаат во предниот дел, каде има едно средно поставено копче со читач за отпечатоци, а до него има капацитивни копчиња за „назад“ и „сите стартувани апликации“. Рамката околу дисплејот сега е многу помала, кој пак има големина од 5,2 инчи и конечно Quad HD резолуција, а технологијата употребена во него е Super LCD 5, која овој пат овозможува многу живи бои, односно 30% повеќе од минатогодишниот модел.

Во внатрешноста се вградени веќе стандардни компоненти за високата класа – Snapdragon 820 и 4 GB рам, додека има две опции за простор за складирање податоци – 32 и 64 GB. HTC има вградено и слот за micro SD картичка, што е одличен потег. Батеријата пак има капацитет од 3.000 mAh и можност за брзо полнење, што е веројатно доволно за целодневно користење, особено што тајванскиот производител во последно време прави одлични оптимизации на нивниот скин за Android, кој во овој случај е вргаден врз Marshmallow.

danseifert-htc-10-hands-on-9.0

Сепак, најголемите адути на новата 10-ка не се ниту изработката од алуминиум, ниту перформансите, ниту пак одличниот софтвер. Како никогаш досега, од HTC велат дека камерата ќе биде најдобриот дел во паметниот телефон. Сензорот има 12 мегапиксели, односно поради нивната големина (1.55µm), HTC ги нарекува ултрапиксели, кои се помогнати од исклучително светлата леќа со бленда f1.8.

На камерата е вградена и оптичка стабилизација, која помага при фотографирањето навечер и при снимањето стабилно видео, како и ласерски автофокусен систем, кој исклучително брзо ги фокусира субјектите. Нормално, камерата ќе снима и 4K видео. Голем адут на HTC 10 е и предната камера, која има 5 ултрапиксели (1.34µm) и исто така f1.8 бленда и оптичка стабилизација.

danseifert-htc-10-hands-on-13.0

За оние кои беа загрижени за стерео Boom Sound звучниците во предниот дел, HTC има ново решение. Звучниците не се поставени напред туку од страните, што значи дека нема директно да ги слушате кога ќе гледате во телефонот, но затоа во долниот дел има специјален „вуфер“, додека во горниот „твитер“, со цел музиката да биде многу побогата. И повторно, ако може да им веруваме на оние кои го пробаа на лице место – ќе бидете целосно задоволни.

Доколку пак и тој звук не е доволен, HTC во новата 10-ка вградува и специјален засилувач, а во пакувањето доаѓаат и Hi-Fi слушалки. Ова треба да овозможи многу подобро аудио искуство од скоро сите паметни телефони во класата, особено кога во равенката ќе се стават нивните вградени слушалки. Во иднина, HTC ќе понуди и специјални JBL аудиофилски слушалки, кои ќе се приклучуваат на USB Type-C влезот и кои треба да понудат звук со највисок можен квалитет.

danseifert-htc-10-hands-on-6.0

Цената на новиот HTC 10 ќе почнува од 700 долари за моделот со 32 GB простор, кој веројатно ќе биде и убедливо најпродаван, бидејќи многу е поевтино проширувањето со micro SD картичка. Ако ги погледнеме другите модели во класата, цената е во самата средина и дефинитивно е конкурентна.

Иако додека не успееме да си поиграме со 10-ката нема да можеме да дадеме финален заклучок, барем според тоа што го гледам на хартија и според тоа какви се првите импресии на новинарите присутни на настанот, HTC повторно има победник – смартфон кој ќе понуди целосно решение за оние кои сакаат луксузна изработка, брзи перформанси, одличен дисплеј, квалитетна камера и Hi-Fi аудио какво што нема ниту еден друг смартфон модел.

Извор: GSM Arena, Engadget, The Verge

Фото: The Verge

Претходна статијаПат кон бесмртноста – Дел 1 – Аналоген
Следна статијаLytro Cinema е импресивна камера која ја анулира потребата од „зелено платно“ при снимањето