coworkers-friend-request-100914

Подгответе се за изненадувањето на деценијата – повеќето Facebook пријатели, всушност, да не ви биле вистински пријатели и нема да ви помогнат кога ви е потребна помош. До ваков прониклив заклучок дошол оксфордскиот професор по психологија Робин Данбер.

Според спроведената студија, од сите Facebook „пријатели“ кои сте ги „стекнале“ низ годините, во просек само околу 14 би искажале емоционална реакција на некое ваше случување, и само околу 4 од нив се достојни за вашата доверба т.е. да ви се најдат во неволја на вистински, другарски начин.

Проф. Робин Данбер - научникот задолжен да ве нервира со своите научни студии
Проф. Робин Данбер – научникот задолжен да ве нервира со своите научни студии

Студијата била изведена врз 3.375 корисници на возраст од 18 до 65 години од О. Кралство. Таа пронашла и други наоди кои се исто така интересни и „неочекувани“. На пример, дека постарите корисници имаат помалку „пријатели“ во споредба со помладите. Според проф. Данбер помладите корисници имаат помеки филтри за пријателства и повеќе прифаќаат нови луѓе, нешто што не беше претерано потребно некој да ни го раскаже.

Интересното е што корисниците кои имаат повеќе од 150 пријатели не се стекнувале со повеќе лични пријателства, туку едноставно само имале поголема мрежа на познајници. Инаку, веројатно ви е познато дека ние имаме научно-пресметан капацитет да ги паметиме статусите и односите со околу 150 луѓе (наречен Данберов број по истиот научник) – се` над тоа предизвикува заборавање на други, помалку битни врски. Ваквата граница доаѓа од нашето поранешно племенско минато при која племињата се делеле на две кога ќе ја надминеле.

facebook_imaginary_friends_comic_converted

Сепак, користењето на социјални мрежи како Facebook има свои придобивки, или да речеме „помало зло“. Имено, нивното постоење успева да го забави распадот на претходно направените пријателства. Ако пријателите и другарите не се гледаат во живо и не комуницираат, нивната врска полека се распаѓа бидејќи – шокантно – нема што да ја оддржува.

Од друга страна, повремената комуникација преку социјални мрежи го забавува распадот. Тоа не значи дека тој не продолжува, туку значи дека ќе му треба подолго време да настане. Затоа проф. Данбер предлага да не ги оддржувате вашите пријателства на Facebook туку да обезбедите време и да се сретнете со човекот во живо.

Којзнае, можеби ќе утврдите и како изгледа без 3 Instagram филтри, и можеби ќе ви се допадне повеќе. Можеби и ќе станете попродуктивни и помал нарцис. И можеби тој пријател следниот пат кога ќе сте во неволја навистина ќе ви помогне место да ви стиска „лајкови“.

Дополнителни информации: Forbes, PopSci

Претходна статијаGoogle презема целосна контрола над Nexus линијата?
Следна статијаAMD лансира нови три процесори, но сеуште чекаме на “Zen” архитектурата