Converted_file_cc45098e
gp120 на ХИВ (црвен тријаголник) се закачува за CD4 рецепторот (сив прст)

ХИВ е одвратен (ретро)вирус. Поради тоа и СИДАта е одвратна болест. Ако човек заразен со овој вирус нема пристап до антиретровирална терапија, може да очекува постепено и ужасно скратување на квалитетот на животот, распад на имунитетниот систем и смрт.

Постојат неколку типови на антиретровирални лекови кои го напаѓаат ХИВ во (најчесто) три фази на неговата „крстоносна војна“ против човечкиот организам, оневозможувајќи му да се размножува, да влегува во клетките или да им го менува генетскиот код (од каде и ретровирус). Сепак, ХИВ е толку „расипан“ и софистициран што успешно се крие во организмот и со терапијата не може целосно да се уништи.

Затоа од друга страна постојат напори да се создаде вакцина против ХИВ. Овојпат вакцината која беше во развојна фаза 15 години е дело на докторот кој прв ја откри причината за оваа болест, ХИВ. Тој доктор се вика Роберт Гало. Запомнете го неговото име бидејќи можно е тој неколку децении по откривањето на вирусот да создаде и лек против него, очигледно во сопствена крстоносна војна.

Д-р Гало работи со Џорџ Луис од Институтот за човечка вирологија на вакцината која го има следното медицинско име: „вакцина со целосна големина со единечен синџир“. Во основа, се работи за искористување на белковината со име gp120 која се наоѓа на површината на ХИВ и кој ја користи за да се закачи за CD4 клетките од имунитетниот систем.

Од кога ќе се закачи, ХИВ употребува втора, скриена белковина за да се врзе на втор рецептор на клетките наречен CCR5. Ова му овозможува да влезе во внатрешнината на клетката и понатаму да си работи на агендата (да го смени кодот за клетката да почне погубно да прави копии од вирусот место да си ја работи својата работа).

Идејата на вакцината е користејќи ја gp120 (без вирусот секако) да го истренира имунитетниот систем преку поттикнување за создавање на специјални антитела кои ќе ја препознаваат оваа белковина и ќе можат на лице место да се борат против вирусот уште пред тој да има шанса да се закачи на CD4 клетка.

Тимот ќе започне со клиничко тестирање врз луѓе наскоро, а досега вакцината била истестирана врз мајмуни, но не се знае колку успешно. Би морало да биде успешно до некој степен штом се префрла на клиничко тестирање врз луѓе. Во секој случај позитивни вести кои се надеваме ќе доведат до конечна победа во борбата против овој исклучително досаден, злобен и разорувачки организам.

Во други вести, пред малку пишувавме за најновиот начин на следење на ХИВ во живо. Во меѓувреме, да се надеваме дека хистеријата против вакцините ќе стивне за да можеме да уживаме во благодетите на модерната медицина.

Извор: Science Mag, IFLScience

Претходна статијаBLOCKS – Неверојатно добар модуларен паметен часовник
Следна статијаКога е создадено Земјиното јадро ?