Meta оваа недела најавија неколку новини кои ги донесуваат кај нивниот популарен Messenger, овој пат поврзани со видео повиците. Корисниците добиваат функции кои се корисни и сигурно ќе ги забележат и ќе им направат разлика.
Првата новина е унапредување на можноста за додавање на позадина за време на видео повиците. Сега истата ќе може да се користи со вештачката интелигенција, односно сликите за позадината да бидат генерирани од истата според насоки од корисникот.
Засега не е познато дали оваа функција ќе биде достапна кај нас затоа што Meta AI се’ уште не може да се користи во нашата земја, па истото може да важи и за ова.
Втората новина е реално корисна, а истата донесува HD квалитет кај повиците и намалување на бучавата од околината. Повиците ја добиваат и функцијата која го изолира гласот на корисникот за подобро да се слуша.
HD квалитетот на повиците ќе биде автоматски вклучен кога уредот е поврзан преку Wi-Fi, додека корисниците ќе можат самите да го вклучат кога разговараат преку мобилната мрежа.
Во ситуациите кога корисникот кој го бараме преку видео повик не крева, сега Messenger добива можност да оставиме аудио или видео порака за корисникот која ќе може да ја види кога ќе стане достапен.
На крајот, Messenger добива поддршка за работа со Siri, па корисниците ќе можат да испраќаат пораки или да започнат повик од Messenger преку гласовна команда со Siri.