Многу од вас ќе се сетат на огромниот хит од 80-тите години, Карате Кид и неговите продолженија. Нема кој не се сеќава на триумфалниот удар на младиот Карусо со кој победи на Карате турнирот или на „wax on, wax off“ моментот. Некој генијален ум решил да го оживее овој „универзум“ и да го прилагоди за 21-от век. Cobra Kai успева да го одржи она што го направи Карате Кид толку обожаван, а притоа и приказната да има смисла после толку години.

Cobra Kai на многу начини ги урна „старите“ начини на правење на римејк во Холивуд. Холивудската формула вообичаено оди вака: наоѓаш некој хит од пред 20-30 години што безброј генерации го обожавале, и правиш милиони одземајќи му ја „душата“. Свежи примери за ова се Кралот Лав и Мулан, кои беа соодветно масакрирани од Холивудската машинерија. Дури и Карате Кид не беше поштеден од овој третман, со ужасниот римејк од 2010 година (сепак во иднина можам да го замислам Џеки Чен во улога на Мр. Мијаги).

Она што е прејако е што главните актери од Карате Кид (Ralph Macchio и William Zabka) во Cobra Kai се враќаат да ги репризираат нивните ликови. Ги гледаме триесет години подоцна, двајцата во своите 50-ти години, како се справуваат со животните предизвици. На Карусо му оди предобро. Има свој бизнис за продажба на автомобили и е препознатлива фаца во својот град. На Џон Крис не му оди толку добро. Разведен е, речиси алкохоличар со краток темперамент.

Работите се менуваат кога Џони одлучува да го оживее доџото во кое се прослави како тинејџер – Cobra Kai. Ги наоѓа и првите свои ученици, па така почнува неговата авантура кон препородување. Кога Карусо ќе дознае за ова, полудува. Знаеме од Карате Кид што мисли Карусо за начинот на кој Cobra Kai ја шири нивната филозофија (прво мавај па после поставувај прашања). Нивното ривалство одеднаш оживува. Но, не се веќе тинејџери. Имаат различни животни предизвици од порано, ама не се ослободиле целосно и од стариот „багаж“. Серијата паралелно ни прикажува како Карусо и Крис тераат низ животот после толку многу години, и како новите генерации ученици поминуваат низ предизвиците низ кои тие претходно поминале.

Многу потешко ќе ја цениш серијава ако не си фан на Карате Кид. Не е дека нема кринџ елементи. Не ме засегаа премногу тинејџерските драми низ кои поминуваат некои ликови, премногу ми беа „сапуница“ за мојот вкус. Претпоставувам дека креаторите сакале да остават нешто и за помладата публика. Јас дојдов за Карусо и Крис, и не планирам да си одам.

Првите три сезони ги има на Нетфликс. Четвртата е на пат, едвај чекам да стигне.

Претходна статијаGoogle се очекува да го претстави Pixel Fold до крајот на годината
Следна статијаFacebook развива паметен часовник со вградени камери и фитнес функции за идната година