Shutterstock.com

Познатиот американски портал The Verge излезе со информации од нивни анонимни извори дека Facebook развива паметен часовник кој планира да го претстави идната година, поточно идното лето. Од Facebook уште не потврдуваат вакво нешто, а со оглед на тоа дека информациите се однесуваат за идното лето, сепак ќе помине уште доста време додека видиме некоја официјална потврда.

Според тоа што го имаат дознаено од The Verge, паметниот часовник на Facebook ќе дојде со екран кој се вади од основата и со тоа овозможува користење на задната камера која е замислена за сликање и снимање. На предната страна од екранот исто така е поставена камера која треба да се користи за видео повици.

Часовникот ќе дојде и со посебна можност за поврзување на мобилните мрежи, со што ќе добие независност од поврзувањето со смартфон и повеќето основни функции ќе може да се извршуваат директно преку самиот часовник.

Најавата за камери, во комбинација на часовник развиен од Facebook, јасно укажува на тоа дека овој часовник ќе биде наменет за корисниците кои често објавуваат на мрежите од оваа компанија, односно Facebook и Instagram. Тоа во денешно време е голем процент од корисниците.

The Verge исто така дознава дека Facebook веќе работи на градење соработка со компании кои би правеле додатоци за часовникот да може да се закачи на ранец, на пример и со тоа да се користи камерата.

Иако се работи за часовник од Facebook, сепак треба да се очекува дека тој ќе ги нуди и другите стандардни функции, како што се фитнес активности, следење на отчукувањата на срцето и слично.

Цената на часовникот се очекува да биде околу 400 долари и да биде достапен од идното лето, а од Facebook наводно веќе работат и на наредните верзии.

Со оглед на тоа што се најавува производ дури за идната година, не е познато дали тој може да биде откажан, но според информациите, шансите за тоа се мали, па во 2022 можеме да очекуваме паметен часовник од Facebook.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаНосталгија со Cobra Kai
Следна статијаБајден ја промени одлуката на Трамп поврзана со TikTok и останатите кинески апликации
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.