Според гласините од изминатите неколку месеци, Samsung и Apple оваа година планираат да претстават „екстра тенки“ верзии од нивните најдобри смартфони. За Samsung истиот се најавува дека можеме да го очекуваме идната среда на Galaxy Unpacked настанот на кого ќе бидат претставени телефоните од Galaxy S25 серијата.
Во случајот со Apple, претставувањето се очекува во септември, заедно со iPhone 17 серијата, а овој потенок модел наводно ќе го замени iPhone 17 Plus моделот.
Преку објава на кинеската Weibo, корисникот „Digital Chat Station“ објавува дека овие уреди од Samsung и Apple ќе бидат со дебелина од 5,X милиметри до 6,X милиметри.
Капацитетот на батериите кој се очекува кај двата телефони треба да биде помеѓу 3.000 – 4.000 mAh, нешто што е целосно логично со оглед на тоа што уредите ќе имаат помалку место во нив.
Сепак, не се очекува овие уреди да имаат проблем со издржливоста на батериите, а во главно и поради новите чипови на кои ќе работат, како и новите верзии од оперативните системи кои секоја година имаат подобра оптимизација.
Објавата на Weibo повеќе е направена со цел да се истакне дека кинеските производители сигурно ќе следат со претставување на нивни тенки уреди, но тие би имале поголеми батерии, односно со поголем капацитет.
Тоа се должи на новите технологии кои се користат, а се очекува во наредните година до две да почнат да се користат и од страна на Samsung и Apple во нивни верзии.
Има време до потврда на гласините за „iPhone 17 Air“, но кај Samsung страната ќе видиме што ќе се случува за помалку од една недела, на 22 јануари.