Со претставувањето на Qi2 стандардот пред повеќе од две години, стандард на кој придонесуваше и Apple, се очекуваше дека конечно одличната и популарна функција MagSafe ќе дојде и кај Android уредите.
MagSafe функцијата вклучува магнети на задната страна од iPhone кои покрај тоа што точно го местат телефонот врз безжичниот полнач, овозможуваат додавање на доста корисни додатоци.
Корисниците на iPhone одамна веќе имаат држачи за телефонот за маса, за во автомобил, додатоци како батерии, паричници и повеќе.
Qi2 стандардот, во главно поради вклученоста на Apple, ја донесе оваа карактеристика, па верувањето беше дека Android производителите веднаш ќе го искористат.
Како што гледаме, тоа не се случи, па иако се поминати повеќе од две години, iPhone останува единствениот масовно продаван смартфон кој има ваква функција.
Доколку откритието од Android Authority се покаже како точно, тоа веќе нема да биде случајот. Google наводно со нивниот нареден смартфон, Pixel 10, кој треба да биде претставен оваа есен, ќе ја воведе Pixelsnap функцијата.
Pixelsnap во основа е името кое Google ќе го користи за MagSafe, а според информациите, од компанијата уште од почетокот планираат претставување на три додатоци.
Се очекува корисниците на Pixel 10 да можат да купат Pixelsnap полнач, Pixelsnap полнач со држач, како и Pixelsnap држач во форма на прстен.
Заедно со новите функции кои се дел од Android, Pixel 10 ќе може да се постави на држачот и да прикажува корисни информации, исто како iPhone со функцијата StandBy.